Државата се наоѓа на крстопат и со сериозен политички потенцијал да влезе во длабока политичка криза. Ова за Гласот на Америка на македонски го вели аналитичарот Сефер Селими во контекст на прашањето за уставните измени. Неговата проценка за исходот по ДУИ од формирањето на новата партија предводена од Изет Меџити, е губиток до четворица пратеници на ДУИ на следните избори. Разговорот го направи Мики Трајковски.
Глас на Америка: Како ги толкувате последните случувања на македонската политичка сцена и непопустливоста на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени?
Сефер Селими: Мислам дека како и во неколку други клучни моменти државата се наоѓа на крстопат и тоа со сериозен политички потенцијал да се претвори во длабока политичка криза од која после би можело да се комплицира уште повеќе да се ситуацијата во нашата држава. И кога зборувам за компликација, зборувам за интерференции од надвор и на некој начин и поместување на евро-атлантскиот курс на нашата држава. Со тоа ќе се креира можност за нови тензии, меѓуетнички, па и внатре-етнички кризи, кои потоа ќе може да предизвикаат поголеми предизвици и за економијата и за стабилноста на државата. ВМРО-ДПМНЕ со нивната тврдоглавост покажува дека за нив побитна е нивната политичка кариера или стигнувањето до власт, отколку носење на одлука која на државата ќе и ги отвори патиштата за интеграција во ЕУ. Станува јасно дека целиот овој процес и целата оваа блокада е само политичка и нема друга сериозна причина како што беа тврдењата дека се загрозува идентитетот, јазикот или кои (било) други аргументи искажани од ВМРО-ДПМНЕ.
Глас на Америка: Како ги оценувате последните изјави на ЕУ амбасадорот, Дејвид Гир дека неизгласувањето на уставните измени ќе ја стопира Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ?
Сефер Селими: Не само амбасадорот Гир, туку сите челници на поголемите и помоќните европски држави, и ред министри за надворешни работи од европските земји, нагласија дека последиците од стопирањето на европскиот пат и неизгласување на уставните измени ќе има сериозни последици за државата. Последиците би можеле да бидат изолација на меѓународен план, со што ние ќе назадуваме, додека целиот регион ќе се движи кон интеграција.
Глас на Америка: Како гледате на случувањата внатре во т.н. „огнена група“? Едни веќе формираа партија, други се враќаат внатре во редовите на ДУИ...
Сефер Селими: Мислам дека новоформираната политичка партија предводена од Изет Меџити, кој беше главниот иницијатор на т.н. „огнена група“, односно имаше поголема важност и улога во „огнената група“, ќе има влијание во скопскиот крај кон гласачите на ДУИ. Враќањето на дел од функционерите секако дека ја ослабнува позицијата на Меџити, но тие со таквиот потег, освен што го имаат изгубено кредибилитетот внатре во ДУИ, сега ќе им биде многу потешко ако сакаат да се вратат, односно да излезат во опозиција на ДУИ - ќе бидат во полоша позиција зашто се во ДУИ со нарушен кредибилитет.
Глас на Америка: Дали новата партија на Изет Меџити ќе и одземе гласови на ДУИ?
Сефер Селими: Мое мислење е да, затоа што во минатото имало политички движења, нови политички партии, но никоја немала потенцијал да влече гласови кон гласачкото тело на ДУИ, сите биле ориентирани кон опозиционите гласови. Во овој случај Изет Меџити, има јадро на поддржувачи, посебно во Скопје во огранокот во Чаир, посебно во првата и втората изборна единица, така што мислам дека и со изборниот модел кој е во моментот на сила ќе ѝ наштети доста на ДУИ. По мое мислење најмалку три до четири пратеници на ДУИ ќе и бидат изгубени и тие ќе бидат прераспределени, дел во албанските, а дел ќе бидат вратени или ќе бидат насочени кон македонските политички партии.