Чад, оган, пеплосани посеви, исцрнета земја. Тоа е сликата што секоја година се повторува низ речиси сите македонски полиња после жетва. Голем дел од земјоделците одлучуваат да ги запалат стрништата. Постапките се забранети со закон.
„Многу е тешко да се фати на самото место, извршителот на таквото дело. Затоа што сепак тоа е терен, широко. И да фатиме некого, може да рече ‘тоа не е мое’“, објаснува Јане Станкоски, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.
Како за пример, доколку есенва поминевте низ кочанската котлина, покрај оризовите полиња, ќе се соочевте со чад во должина од повеќе километри. Како што жетвата заврши, така почна палењето на стрништата.
„Палењето се врши поради тоа што, ако дојдат временски неприлики, односно дождови сламата накиснува и доведува до потешка обработливост. Затоа земјоделците вршат палење на површините“, вели Зоран Борисов, претседател на Здружението на оризопроизводители, „Бело злато“.
Одговорно кажувам дека ефектите од палењето стрништа се негативниТатјана Миткова, Факултет за земјоделски науки
Еден од земјоделците што го сретнавме додека снимавме, и кому не му се допадна причината заради која сме таму, имаше и свое објаснување.
„Нема механизација што може.. или да ја пасеме тревата? Што да правиме ние со тревата, или, со сламата што останала во нивите? Да ја собираме и да ја носиме дома, за зимница?“, праша Ненад, жител во кочанскиот реон.
Но, познавачите велат, палењето на стрништата е штетно.
„Одговорно кажувам дека ефектите од палењето стрништа се негативни“, категорична е Татјана Миткова, Универзитетска професорка на Факултетот за земјоделски науки, при УКИМ.
Покрај загадувањето на воздухот и опасноста од пожари, нанесува долготрајни последици врз почвата.
„Еве зошто: Почвата е предмет на закана од многу притисоци коишто доведуваат до нејзина деградација. Неколку од нив, меѓу кои ќе ги споменам намалувањето на органската материја и намалувањето на биодиверзитетот се должат токму на палењето на стрништата“, објаснува професорката од земјоделскиот факултет и посочува дека први на удар од огнот се и потребните микроорганизми.
„Во само еден грам плодна почва има, ни помалку, ни повеќе, помеѓу две и три милијарди претставници на микроорганизмите. Тие имаат суштинска улога во почвата. И во процесот на образување на органската материја и на хумус, популарно кажано. Во процес на хумификација, но и во разложувањето на органската материја, кога се ослободуваат крајни минерални продукти коишто се елементи што растенијата можат директно да ги земат од почвениот раствор и се битни за исхраната на растенијата“, објасни професорката Миткова.
Многу е тешко да се фати на самото место, извршителот на таквото дело. И да фатиме некого, може да рече ‘тоа не е мое’Јане Станкоски, директор на Државниот инспекторат за земјоделство
Според Законот за земјоделско земјиште, за палење стрништа постојат и казни, како за физички, така и за правни лица. Се движат од 50 до 500 евра. Контролата на теренот ја врши Државниот инспекторат за земјоделство.
„Инспекторатот спроведува редовни контроли во овој период. И во пролетниот, и особено во есенскиот период. Во претходнава година имаме направено 144 записници за оваа проблематика. Од кои имаме и четири казни“, изјави директорот Станкоски од Инспекторатот за земјоделство.
Институцијата работи со вкупно 72 инспектори низ целата држава. Сепак, во периодот додека ние бевме на терен во кочанската котлина, каде имаше активно палење, инспектори не забележавме.
„Државниот инспекторат за земјоделство има и отворена телефонска линија на којашто секој може да пријави, не само ова, туку и каква било друга неправилност, во којашто ние имаме надлежност. Покрај нас и противпожарната служба сигурно за вакви работи има надлежност. Ние не сме добиле повик. Во Кочани и во Виница имаме присутни инспектори, така што изгледа никој не го пријавил ова“, објасни Станкоски.
Телефонска линија за пријавување неправилности: 0800 11 000
Палењето на стрништата е своевиден дел од традицијата на македонското земјоделство. Но, познавачите препорачуваат други, помодерни методи. Тие, велат, ја одржуваат почвата и ја штитат од плевели и од штетници.
„Заорувањето на стрништата, секако е една од битните мерки во тој правец во комбинација со длабокото орање или какво било друго орање. Затоа што со заорувањето на остатоците се врши провоцирање на оние семиња што се останати во почвата да подникнат и потоа со обработката на почвата тие се уништуваат“, препорачува професорката Миткова од Земјоделскиот факултет.
Се препорачуваат и биолошки зафати.
„Во таа насока се користат инсекти, или тревојадни риби коишто всушност причинуваат штети на плевелите и ја намалуваат нивната конкуренција во посевите што се одгледуваат“, додава Миткова.
Од остатоците од жетвата можат да се добијат и дополнителни продукти.
Со мало тракторче не можеш да влечеш и слама и земја заедноНенад, земјоделец од Кочанско
„Сламата, покрај тоа што може да се заора, може и да се избалира, па да се третира дополнително со уреа или некои други работи и понатаму да се користи како сточна храна“, советува професорката Миткова.
Кај дел од земјоделците има свест за штетните последици, но бараат да им се помогне со механизација.
„Со мало тракторче не можеш да влечеш и слама и земја заедно. Не се превртува почвата“, вели Ненад, жител на кочанскиот реон.
Лани преку Министерството за земјоделство и преку Агенцијата за финансиска поддршка беа доделени триесетина комбајни за ориз во Кочанско. Со нив, како што објаснуваат од здружението на оризопроизводители „Бело злато“ се врши и ситно сецкање на сламата.
„Тоа значи дека сецкањето на сламата е еден вид наѓубрување. Во моментов нам ни се потребни повеќе такви комбајни за да не дојде до палење на површините“, укажува Борисов, претседателот на „Бело злато“ од Кочани.
Од вкупната територија на државата, само 20 проценти се обработлива површина. Од нив, само осум проценти се земјиште од прва и од втора категорија.
Здруженијата, познавачите, институциите, апелираат, да се води повеќе грижа за почвата што носи храна.
„Секоја генерација е должна ако не може да направи подобрување, барем да ја одржи постоечката состојба на почвата. Да не бидеме причина за нејзина деградација. Затоа што немаме друга за замена. Таа е што ја имаме“, апелира професорката Миткова.
Facebook Forum