Линкови за пристапност

Седуммина кандидати го потврдија своето место на гласачкото ливче за претседателските избори


Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова ја добија поддршката од матичните партии но ги собраа и неопходните 10 илјади потписи. Уште петмина кандидати се во трката за собирање на потписи но повеќе од извесно е дека заклучно со рокот 8 март нема да успеат да обезбедат 10 илјади потписи

СКОПЈЕ – Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова викендов ја официјализираа најавената кандидатура за трка за претседател на државата. Пендаровски и Силјановска ја добија поддршката и од матичните партии на Конгресот односно Конвенцијата кои се одржаа вчера и денес. Сепак двајцата кандидати денес во рок од само неколку часа ги собраа и неопходните 10 илјади потписи од граѓани иако нивната кандидатура може да се официјализира, како што предвидува законот, со потпис на 30 пратеници со што автоматски влегуваат во трка за избор на претседател на државата.

„Во изминатите денови добив јавна поддршка за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат. Денеска многу граѓани со своите потписи ја дадоа поддршката и за само неколку часа ги собравме над потребните 10 000 потписи. Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа. Да продолжиме да работиме на создавање отворено, креативно, иновативно и демократско општество во кое ќе има место за секој, каде сечиј потенцијал ќе се цени и секој ќе добие можност да успее тука, дома“, изјави Пендаровски на Конгресот кој заврши предмалку.

Вчера пак Силјановска порача дека ќе гради сојузи и сојузништва и ќе интегрира наместо да дезинтегрира а поделбите ја доведоа државата да личи на гладијаторска арена.

„Не се станува Европјанин, не се вежба европеизација преку реторика ЕУ, ЕУ, ЕУ … Не! Туку преку вежбање демократија. Мора владеењето на правото да ни биде прво. Мора слободите и правата на човекот да ни бидат во фокусот. Мора пазарна економија да градиме. Мора да ги почитуваме индивидуалните права, ама исто така и малцинските права. Балканот не смее да остане периферија на периферијата. За тоа треба сите ние да се обединиме, во сите полиња и така ќе бидеме посилни, така и ќе си го заслужиме местото. Дека сме мали, не сме мали. Можеме да бидеме, малото е убаво, малото е големо“, рече професорката Силјановска Давкова.

Во петокот, градоначалникот на Карпош и лидер на партијата „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски како и професорката Билјана Ванковска зад која застана партијата „Левица“ соопштија дека ги собраа неопходните 10 илјади гласови за да влезат во трката за избор на претседател на државата.

Рокот за собирање на потписи истекува на 8 март а според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчеравечер уште пет лица кои ја најавија својата кандидатура сè уште се во потрага по потписи на граѓаните. Станува збор за Вело Марковски, Мерсиха Смаиловиќ, Господин Поповски Зорица Цветкоска и Ѓорги Манасков но бројките покажуваат дека е малку веројатно оти некој од нив ќе го достигне прагот.

Бујар Османи од ДУИ беше првиот кандидат кој успеа да ги собере потписите а во средата тоа го сторија и Максим Димитриевски лидерот на „ЗНАМ“ и Арбен Таравари кандидат на коалицијата „Вреди“ кои успеаја да ја исполнат законската квота потписи. Тие преку социјалните мрежи соопштија дека потписите се собрани и им се заблагодарија на граѓаните за поддршка а тоа го потврди и ДИК.

XS
SM
MD
LG