Линкови за пристапност

Утревечер втора рунда Обама-Ромни


Обата изборни штабови убедени дека нивните кандидати успешно ќе ги изложат своите каузи во ТВ-дуелот во живо.

Изборните штабови на претседателот Барак Обама и на републиканскиот предизвикувач Мит Ромни изразуваат убеденост дека нивните кандидати успешно ќе ги изложат своите каузи пред Американците во вториот од вкупно трите ТВ-дуели, закажан за вторник навечер по американско време.

Дури и најенергичните поддржувачи на Обама оценија дека на првиот дуел пред речиси две недели тој настапи млако и неинспиративно, наспроти прецизноста во изразувањето на Ромни, кој навидум добро се имаше подготвено за дебатата.

Советникот во изборниот штаб на Обама, Дејвид Еклсрод, за ТВ-мрежата Фокс коментираше дека утрешното соочување во Њујорк е шанса претседателот поефектно да ги изложи причините за реизбор.

Вишиот советник на кампањата на Ромни, Ед Гилеспи, пак, рече дека поранешниот гувернер на Масачусетс ќе продолжи со пораката што резонира меѓу американскиот народ.

По првата дебата, значителната предност на Обама во анкетите почна да опаѓа, а публиката на предизборните митинзи на Ромни стана побројна и поенергична.

Екслрод тврди дека нема паника во штабот на Обама.

„Водството во анкетите е потесно од пред првата дебата, но ние сме задоволни од тоа каде се наоѓаме“, изјави советникот на Обама.

Гилеспи очекува Ромни утревечер да наиде на поенергичен Обама, но смета дека тоа нема да направи разлика.

„Гувернерот ќе продолжи со стилот од првата дебата. Ќе говори за својата агенда, за своите политики“, кажа советникот на Ромни.

Гласањето на претседателските избори е на 6-ти ноември.
XS
SM
MD
LG