Линкови за пристапност

Се појави аудио снимка на која Трамп разговара за „многу доверлив“ документ, Трамп негира


Аудио снимка добиена од американските новински организации открива дека поранешниот претседател Доналд Трамп разговарал околу тајните документи, конкретно за планот за напад на Иран по напуштањето на функцијата во 2021 година, поткопувајќи го неговото неодамнешно демантирање.

Федералните обвинители наведоа делови од разговорот од јули 2021 година во обвинението од 37 точки претходно овој месец, под обвинение дека тој незаконски задржал доверливи владини документи кога заврши неговото претседателство.

Си-Ен-Ен, Вашингтон пост и Њујорк тајмс во понеделникот ја објавија аудио снимката во кој Трамп ги коментира вестите дека претседателот на здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили се плашел дека Трамп ќе предизвика конфликт со Иран по поразот на претседателските избори во 2020 година.

Во интервју минатата недела, Трамп изјави за Фокс њуз: „Немаше тајни документ. Тоа беа само еден огромен куп хартии, зборувајќи за Иран но и други работи. Немав никаков документ сам по себе. Немаше што да се декласифицира, тоа беа весници, списанија и написи“.

Поранешниот претседател рече дека имал „постојана наредба“ да ги декласифицира сите документи од овалната соба во резиденцијата на Белата куќа додека бил претседател.

Сепак, постои формален процес за декласификација на материјалите за национална безбедност на САД и официјални лица велат дека нема докази дека Трамп ја следел таа официјална процедура пред да ги однесе доверливите документи во Мар-а-Лаго, неговиот имот на Флорида каде што живее во зимските месеци.

Тој се изјасни за невин по обвинението претходно овој месец. Во случајот беше обвинет и камериерот на Трамп, Волт Наута, обвинет дека му помогнал на Трамп да го скрие доверливиот материјал од истражителите. Тој допрва треба да се изјасни за случајот, а неговото судење беше одложено во вторникот до 6 јули.

Специјалниот советник на Одделот за правда Џек Смит поднесе обвинение против Трамп за доверливи документи. Смит одделно ги истражува дејствијата на Трамп во обидот да го наруши исходот од изборите во 2020 година што ги загуби од демократот Џо Бајден како и улогата на Трамп во немирите на 6 јануари 2021 година во Конгресот на САД, во кои околу 2.000 поддржувачи на Трамп упаднаа во зградата за да се обидат да ги спречат пратениците официјално да потврдат дека Бајден победил.

Во меѓувреме, обвинителка во сојузната држава Џорџија сигнализираше дека на почетокот на август ќе одлучи дали ќе го обвини Трамп и низа соработници за незаконски обиди да ја поништат тесната победа на Бајден.

XS
SM
MD
LG