Линкови за пристапност

СДСМ ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија


СДСМ ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за преговорите со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

Станува извесно дека Северна Македонија ќе добие собраниска резолуција за „црвените линии“ на државата во разговорите со Бугарија. Владејачката СДСМ денеска се предомисли, по првичното отфрлање на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, и соопшти дека ќе ја поддржи иницијативата на опозицијата.

„Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што што всушност и ја видовме од медиумите“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.

Денеска во Собранието претставници на ВМРО-ДПМНЕ се сретнаа со пратениците на ЛДП, Демократскиот сојуз и ДОМ, кои се дел од владејачкото мнозинство.

И помалите коалициски партнери на СДСМ се „за“ оваа иницијатива.

„Сум за тоа да се отвори расправа во Парламентот, понудениот текст може да се подобри. Веројатно треба да стои уставното име, бидејќи тоа ќе биде документ на Парламентот. Очекувам од сите партии да изградиме еден став кој ќе не` обединува“, рече Павле Трајанов од Демократски сојуз.

Маја Морачанин од ДОМ рече дека „ за нас текстот, генерално е прифатлив, може да има корекции во самиот текст. Најважно е дека текстот е коректен и дека за македонскиот идентитет не се преговара“.

Моника Зајкова од ЛДП, пак, изјави:

„Генерално, текстот на оваа резолуција за нас е прифатлив како пратеници на ЛДП. Важно е за вакви резолуција да има обединување во Собранието“, рече таа.

Предлагачот очекува широка поддршка во Парламентот.

„Очекуваме оваа резолуција да се усвои во Собранието и сметаме дека ако партиите се обединат околу ова тогаш тоа ќе биде корисно и за Парламентот и за општеството“, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот на резолуцијата предвидува водење на преговорите на рамноправна основа со почитување на меѓународното право, без какво било условување, притоа признавајќи ја автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG