Социјалдемократите кои од пред еден месец, по седум години на власт, заминаа во опозиција најавуваат враќање на партијата на политичката сцена. Новиот лидер, во првата голема прес-конференција по преземањето на функцијата, уверува дека СДСМ излегува од внатрешната криза која кулминираше со катастрофалниот пораз на мајските парламентарни избори, најголем во партиската историја.
„Дигнати сме на нозе и стабилни сме“, вели Венко Филипче кој обелодени дека стартуваат со целосно нова стратегија за СДСМ да биде целосно функционална.
„СДСМ е подигната на нозе и функционална, активна во политичкиот простор и со тоа би рекол првата фаза на стабилизација е целосно завршена. Овој период ќе се фокусирам на средби и разговори со членството, раководствата од партијата, претседателите, извршните одбори. Идните чекори на партијата се да се формираат работни групи, се со цел СДСМ да биде функционална, а сите партиски тела оперативни“, рече Филипче.
„Целта е да се формираат работни групи во коишто ќе членуваат не само официјалните во моментот општински раководства туку и овие луѓе коишто на некој начин се тргнати на страна и во рамките на тие групи да почне и формалниот процес на општински конференции во кои ќе започне и изборот на нови делегати на Конгресот имајќи предвид дека мандатот на овие делегати истекува на крајот на септември, а целта е крајот на септември и почетокот на октомври со се ова што го правиме сега да се конституира новиот конгрес со новите делегати којшто ќе го избере централниот одбор којшто понатаму ќе го избере и новото раководство на партијата. До тогаш целиот процес ќе го водат работните групи“.
„Започнуваме подготовка на целосно нова стратегија и таканаречен Блупринт за социјадемократија. Овој документ ќе биде новата идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ. Со него ќе направиме реафирмација на социјадемократските вредности прилагодени на новото време земајќи ги предвид секако новите политики коишто ќе ги презентираме на еден инклузивен начин“, изјави Филипче.