Избори на 5 јули – ова денеска го потврди лидерот на СДСМ, откако во изминатите денови членови на раководството на владејачката партија во неколку наврати го споменаа овој датум како денот за одржување на парламентарните избори. Ваквата одлука Заев ја аргументираше со, како што рече, заштита на здравјето на граѓаните.
Коронавирусот ќе биде тука и на 5 јули, 5 август, 5 септември и на 5 октомвриЗоран Заев, претседател на СДСМ
„Датумот на нивното одржување е завршена работа - тие ќе се случат на 5 јули избори за да добиеме функционално собрание и политичка влада. Проблемите кои ги предизвикува Наќе Чулев мора да ги ставиме зад нас. Нема нови аргументи за нови економски мерки и нема оправдување за нова вонредна состојба. Изборите ќе се одржат на 5 јули, 22 дена по завршувањето на вонредната состојба“ изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Вели дека изборите за него веќе не се тема зашто, како што рече, не може државата вечно да биде без парламент и со влада која врши и извршна и законодавна функција.
„Коронавирусот ќе биде тука и на 5 јули, 5 август, 5 септември и на 5 октомври“, порача Заев образложувајќи зошто изборите треба да бидат во јули.
Не е време да нафрламе избори, сега треба да се сплотиме и да ја надминеме ситуацијатаВладо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Според опозицијата, во ситуација на десетици новозаразени секој ден, е лудост да се зборува за избори. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ нема јасен одговор на прашањето дали ќе учествува на изборите и под кои услови ќе прифати да партиципира.
„Не е време да нафрламе избори, сега треба да се сплотиме и да ја надминеме ситуацијата“ рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ДПА, која е дел од владината коалиција, ги поддржува социјалдемкоратите во намерата да има избори на 5 јули. Главниот албански партнер во владата – ДУИ, во последните изјави повикуваше на консезус меѓу партиите за датумот за парламентарните избори.