Астронаутот Скот Кели кој на први март се врати од скоро едногодишниот престој во Меѓународната вселенска станица, сега е нешто повеќе од пет сантиметри повисок од неговиот идентичен брат близнак Марк.
Тоа беше прелиминарно наоѓање како ефект на долготрајната изложеност на нула гравитација на човечкото тело.
„Нашите истражувања ќе обезбедат важни информации за влијанието на вселената врз човечкото тело на молекуларно ниво, за НАСА да може да ги идентификува ризичните фактори и контрамерките за можните здравствени проблеми предизвикани од подолг престој во вселената, како патување на Марс.“ вели психијатарот Бринда Рана, која е главен истражувач во тимот за студијата за близнаците Кели.
Астронаутите често се повисоки во вселенскиот простор бидејќи дисковите во човечкиот 'рбет малку се набиваат поради гравитацијата на земјата.
Мисијата на Кели беше и можност за НАСА да види како астронаутите би живееле за време на мисијата на Марс, која најверојатно би траела околу една година.
Некои физички проблеми со кои астронаутите би се соочиле се кршливи коски, ослабени мускули, надуеност во лицето и нозете, зголемување на обемот на срцето, проблеми со рамнотежата и зголемен ризик за рак.
Но, Кели изјави дека „се чувствува многу добро“ после враќањето на Земјата.
Пред мисијата, НАСА го извести Кели дека ќе бил изложен на иста количина на радијација како да патува од Њујорк до Лос Анџелес 5.250 пати.
Агенцијата изјави дека за време на престојот во вселената, околу два литри вода се имаат префрлено од неговите нозе во неговата глава.
„Нашите тела се адаптирани на околина во која гравитацијата ја повлекува крвта кон нозете“ вели Рана. „Во вселената, каде нема гравитација, крвта и останатите течности во телото се движат во спротивен правец, кон повисоките делови на телото, околу срцето, вратот и главата. Промена на движењето на течноста може да предизвика промени во мозочниот притисок и видот.“
Скот и неговиот брат сега ќе бидат дел од проект кој ќе трае цела година за да се спореди здравјето и генетиката на близнаците.