Линкови за пристапност

Научно откритие за Големата експлозија


Ова може да биде едно од најголемите откритија во историјата на науката, велат многумина стручњаци

Научниците велат дека откриле доказ за „динамит“ што ја предизвикал Големата експлозија позната како Биг Бенг.

Доколку биде потврдено, стручњаците велат дека би било едно од најфундаменталните откритија во историјата на науката.

Новото истражување дава прв цврст доказ дека универзумот минал преку исклучителен нагол растеж во првите куси моменти на постоење, период наречен инфлација.

Оваа незамислива брза стапка на растеж оставила бранови во ткивото на вселената – гравитациони бранови што Алберт Ајнштајн ги предвидел, но кои никогаш порано не биле откриени до овој момент.

Силата што ја предводела таа експоненцијална експанзија е непозната. Но експертите велат дека новите докази за нејзино постоење нуди долго барана врска меѓу гравитацијата, што дејствува на се` што можеме да го видиме, и квантната механика, што владее со субатомската сфера.

„Мислам дека ова ќе биде запаметено, ако го издржи тестот на времето, како едно од најголемите откритија во историјата на науката“, кажа физичарот Макс Тегмарк од Институтот за технологија на Масачусетс, кој не бил инволвиран во истражувањето, „И јас навистина ова не го велам неосновано.“

Истражувачите ја проучувале радијацијата во позадината на универзумот, последните трагови на енергија кои останале од Биг Бенг од пред 13,8 милијарди години.

Работејќи со радио телескоп на Јужниот Пол, каде воздухот е сув и има мала човечка интерференција, тие нашле исклучително мали нерегуларности во таа радијација. Варијациите биле во форма на извиткани шари за кои тие велат дека го обележуваат минувањето на гравитациони бранови.

„Откривањето на тој сигнал е една од најважните цели во космологијата денес,“ кажа во изјава лидерот на тимот на Центарот за астрофизика Харвард-Смитсониан, Џон Ковач.

Иако поголем дел од сегашната астрофизика се потпира на претпоставката дека инфлацијата се случила, за тоа немало доказ.

И не беше јасно дека сигналот ќе може да се открие близу 14 милијарди години подоцна, кажа космологот од Универзитетот на Чикаго Мајкл Тарнер. „Барањето на гравитациони бранови од инфлацијата многумина го нарекуваа бесполезно,“ кажа тој.

Тарнер не бил член на истражувачкиот тим. Тој кажа дека откривањето на гравитационите бранови значи дека научниците ќе можат да ја проучуваат силата зад инфлацијата, која, вели тој, „може многу веројатно да биде динамитот зад Биг Бенг.“

„Една од причините зошто ова откритие е возбудливо е што инфлацијата бара да има некоја нова фундаментална физика зад четирите сили за кои знаеме,“ кажа астрономот Марк Камионковски од Универзитетот Џонс Хопкинс, исто така неинволвиран во истражувањето.

Тој вели дека новите истражувања добро се вклопуваат во теориите што ги обединуваат сите сили.

Новите докази се` уште не се публикувани во журнал што го ревидираат колеги. Експертите кои го виделе истражувањето велат дека е убедливо, но дека и други научници ќе треба да го потврдат.

Но Камионковски кажа дека ако ја издржи проверката, тоа отвора возбудлива нова област на истражување.

„Тоа е како некој да бил присутен за време на инфлацијата и ни испратил телеграма кодирана во гравитационите бранови, која потоа била транскрибирана на небото,“ кажа тој. „Во наредните години, што се надевам дека ќе се случи е, всушност да бидеме во можност да прочитаме што ни кажува оваа телеграма.“
XS
SM
MD
LG