Иселувањето од Македонија е проблем кој мора да се помести повисоко на листата на приоритетите на било која извршна власт. Економската стагнација, децениската транзиција која последната деценија е засилена со перманентна политичка криза и демотивацијата на младите, ги полнат авионите и автобусите кон Запад. Со еднонасочни билети за цели семејства.
Тоа е процес што никој не може да го сопре. Во последно време се прават напори, но иселувањето не може да се спречиДончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика
Според анализата на Дончо Герасимовски, драстичното намалување на учениците е реалност, заснована на бројките што се официјално објавени од Државниот завод за статистика. Според него, во учебната 2000/2001 година во основните училишта во Македонија биле регистрирани 249.375 ученици, а во тековната учебна година се евидентирани 188.102 ученици, или 61.273 ученици помалку во основното образование.
Според неговата изјава што ја пренесоа медиумите, Герасимовски ја направил анализата и со компарација на бројот на живородени деца во одредена година, и бројот на децата - шест години подоцна кога тргнуваат во основно училиште. Тој потенцира дека намалувањето на бројот на учениците во основното образование посочува на зголемувањето на процентот на иселување на граѓаните од Македонија.
„Тоа е процес што никој не може да го сопре. Во последно време се прават напори, но иселувањето не може да се спречи“, изјавил Герасимовски во медиумите.
Гордана Угриновска, наставник по одделенска настава со долгогодишен стаж во основно училиште во Битола, за Гласот на Америка на македонски јазик, за оваа тема, изјави:
„И овој мај, како и секоја година, започнува процесот на запишување на новите првачиња. Каква ќе биде бројната состојба ќе покаже времето, но според досегашното искуство може да се претпостави дека ќе продолжи трендот на намалување на бројот на ученици. Во образованието работам 26 години и осум месеци и се сеќавам на моите први генерации, некаде од 1995-та година. Бројката на ученици која фигурираше, беше над тогашниот максимум, по 36 ученици во една паралелка, со четири паралелки во генерација! Толку голема беше бројката на ученици во основното образование во тоа време..“
Иако бројот на ученици постојано се намалува, се зголемува бројот на наставници - за три-четири илјади во последните две децении, односно, во 2001/2002 година во основните училишта во Македонија имало 13.356 наставници, а оваа учебна година дури 4.916 наставници повеќе - 18.272.
Сличен е ставот и на Јагода Додевска, исто така, наставник по одделенска настава, од Куманово, која во својата изјава ни потврди, дека според нејзиното 30-годишно искуство во просветата, од година на година, редовно се соочува со сознанието дека „бројот на ученици секоја учебна година се намалува. Ако во почетокот на моето вработување во паралелките имаше повеќе од 30 деца, денес работиме во паралелки во кои има 20-25 ученици“.
Експертот Герасимовски смета дека „минусот“ од 61.000 ученици е реален. „Ако само во учебната 2017/2018 година бројката на ученици се намалила за 4.000, таа е математиката“, смета Герасимовски, според кого, постојат повеќе причини за ваквиот негативен тренд.
Иако вели дека наталитетот опаѓа со години наназад, Герасимовски смета дека највлијателен фактор е сепак, иселувањето од Македонија. „Неодамна објавив колумна, каде исчезнаа 2.333 првачиња од училиштата? На пример, во една година биле родени 20.000 деца, а по шест години, во прво одделение се запишале 17.500. Каде се останатите?“, прашува Герасимовски.
Наставничката Угриновска од Битола, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик се сеќава дека „како се нижеа годините, бројот на паралелките од четири во секоја година, се сведе на три, што беше резултат на осипувањето на бројот на учениците што се запишуваа. На што се должеше тој феномен? Најпрвин, мислевме дека се запишуваат во други училишта, но и тие училишта имаа проблем со бројноста на учениците, иако постоечките паралелки опстојуваа... Но, сега е веќе видлив проблемот на намален број на ученици кои се запишуваат во училиштата. За жал, секојдневно сме сведоци дека наши пријатели со своите семејства, или пријатели на нашите пријатели и познаници, сè почесто се отселуваат во други држави, барајќи подобри услови за живот... Mожеби е тоа и некоја природна миграција?“
А наставничка Додевска од Куманово смета дека „намалувањето на бројот на учениците во основното образование е резултат и на „одлуката на младите за влегување во брак во подоцнежни години и за станување родител подоцна од претходните генерации, на вработувањето на голем број граѓани, особено од Куманово (меѓу кои и лица со завршено средно образование) во Авганистан, на пример. Но, и заминувањето во Малта, или во Република Словенија која им нуди сигурно вработување на лицата со високо образование од повеќе струки... Или во Германија, која е ‘мека’ за кумановчан(к)и од медицинската струка од сите рангови“.
Според Додевска, „позитивно во основните училишта во Куманово, спротивно од генералниот тренд, е зголемувањето на бројот на деца од ромска националност кои, со влијание и на ромските невладини организации, како и поради намалувањето на шансите на ромските семејства за иселување, пред сè, во Германија, се запишуваат секоја година во сè поголем број“.
Иако бројот на учениците се намалува, бројот на училиштата во Македонија не е многу намален. А со компаративна анализа, според Герасимовски, се добиваат многу интересни податоци: иако бројот на ученици постојано се намалува, се зголемува бројот на наставници - за три-четири илјади во последните две децении, односно, во 2001/2002 година во основните училишта во Македонија имало 13.356 наставници, а оваа учебна година дури 4.916 наставници повеќе - 18.272.
Иселувањето од Македонија трае со векови, но се засилува последните две децении. И притоа, во неизвесност и во потрага по подобар живот, тргнуваат и етнички Македонци и етнички Албанци, и сите останати националности кои живеат во државата.
Медиумите неодамна објавија дека дури и од еден од најплодните региони, Струмичкиот, расте бројот на иселени лица, особено на млади лица кои не сакаат да се занимаваат со земјоделие или сточарство.
Во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик минатата недела, аналитичарот Мерсел Биљали, на прашањето дали дел од етничко-албанското гласачко тело апстинирал на претседателските избори, во одговорот потенцираше: „Напротив, мислам дека во голем процент се излезени, но мора да се согласиме со реалноста што државата или власта не ја знае - дека голем дел од младите и тие кои се во средни години се заминати надвор. И тоа посебно овие четири - пет години. Значи, масовно! Можам да кажам дека во моето Чегране (поранешна рурална општина, подоцна припоена кон Гостивар) каде што според евиденцијата има околу 9.000 жители, реално нема ни 3.000.“
Facebook Forum