Линкови за пристапност

Македонија: Нова учебна година според Кембриџ методот


Македонија првпат ги има овие програми и е единствената земја во регионот што ги воведува во образовниот систем.

По речиси тримесечен молк, училишните ѕвончиња денеска одново се огласија во сите основни и средни училишта во Македонија, најавувајќи го почетокот на новата учебна година. Околу 280 илјади ученици денеска седнаа во училишните клупи. Речиси 20 илјади првачиња за првпат влегоа во училиште и седнаа на училишните клупи.

Со новата учебна година стартуваше и уште една новина за децата од прво до трето одделение - тие ќе учат според Кембриџ програмата, од преведени и адаптирани учебници по предметите математика и природни науки.

„Ова е најголема новост за оваа учебна година, затоа што Македонија првпат ги има овие програми и е единствената земја во регионот што ги воведува во образовниот систем. Учебниците се квалитетни и прилагодени за нашите прилики и за возраста на учениците. Оваа година учениците од прво до трето ги имаат предметите математика и природни науки. Следната година ќе продолжиме со четврто, петто и шесто одделение. Проектот ќе биде заокружен кога тие ќе бидат воведени до деветто одделение“, соопшти министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, нарекувајќи го, „една од најкрупните реформи во образованието“.

Една од промените според овој метод, е што за разлика од досега кога првачињата ги изучувале броевите од 1 до 10, сега ќе се изучуваат броевите до 100. Учениците од првите три одделенија за првпат ќе го изучуваат и предметот „природни науки“, односно делови од физиката, хемијата и биологијата.

Според директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, децата во Македонија сосема солидно можат да ги совладаат наставните програми преземени од Кембриџ, како и нивните врсници од Европа.

„Од досегашните анализи, голем број од децата, кога ги анкетираме, велат дека им е по малку здодевно на часовите, бидејќи тие веќе знаат да пишуваат и да бројат и да прават математички операции, така што сметаме дека е вистинско време за воведување на овие програми, вели Хорватовиќ.

Но она што предизвикува загриженост, според министерот Адеми не се овие реформи туку трендот на намалување на бројот на првачињата, што продолжува и годинава.

„Оваа година се приближно 20.000, а лани беа околу 21.500 деца. Бројот се` уште не е конечен, зашто и денеска трае рокот за запишување, но бројот се движи околу 20.000“, рече Адеми. За заменикот министер за образование, Спиро Ристовски, оваа слика е одраз на неповолната состојба со наталитетот во земјава.

„Со жалење ќе констатирам дека продолжува оној негативен тренд на прираст со што де факто секоја година имаме се` помал број првачиња, што е резултат на намалениот наталитет, што секоја година добива на интензитет“, вели Ристовски.

Ново од годинава е и тоа што Македонија се вклучува во Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015, што, според Министерството за образование, е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја. При првото тестирање на македонските ученици по математика, читање и природни науки во 2001 година, Македонија, од 41 земја, се пласирала на 38-то според математички вештини, односно на 36-то место според читање и природни науки. Второто тестирање беше спроведено во мај годинава, но резултатите не се објавени. Според Бирото за развој на образованието, новите програми по математика и природни науки ќе доведат до подобрување и на наставата и на резултатите на меѓународните тестирања.

XS
SM
MD
LG