Група американски сенатори вршат притисок врз претседателот Доналд Трамп да направи истрага за исчезнувањето на саудискиот новинар што може да резултира во санкции против саудиски официјални лица и ентитети.
Во писмо до Трамп сенаторите се повикаа на таканаречениот Глобал Магнитски акт од 2016, повикувајќи на истрага во случајот на Џамал Кашоги, кој не е виден откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул минатата недела.
„Неодамнешното исчезнување на саудискиот новинар и колумнист на Вашингтон пост Џамал Кашоги сугерира дека тој може да е жртва на флагрантно кршење на меѓународно признаените човекови права“, се вели во писмото. „Очекуваме дека при одлучувањето ќе ги земете предвид релевантните информации, вклучувајќи ги оние кои се однесуваат на највисоките претставници во владата на Саудиска Арабија“.
Претседателот мора да одговори во рок од 120 дена и да се произнесе за барањето за санкции.
Белата куќа во средата објави дека претставници на администрацијата на Трамп разговарале со крунисаниот принц Мохамед бин Салман за мистериозното исчезнување на Кашоги за кого турските власти веруваат дека бил убиен во конзулатот на Ријад во Истанбул.
Советникот за национална безбедност Џон Болтон и советникот Џаред Кушнер, зетот на претседателот Трамп, разговарале со Салман во вторникот, додека државниот секретар Мајк Помпео се надоврзал на тој разговор со саудискиот лидер за да го нагласи американското барање за информација во врска со случајот, соопшти Белата куќа.
Трамп на новинарите им кажа дека и самиот разговарал со претставници на Саудиска Арабија „на највисоко ниво“ за исчезнувањето на Кашоги, но не понуди одговор за случајот.
„Никој не знае што се случил“, кажа Трамп, додавајќи: „Ќе ја откриеме вистината. Не можеме да дозволиме вакви работи да се случуваат на новинари и на било кој“. "
Трамп не кажа со кого разговарал. Тој рече дека неговите соработници биле во контакт со вереницата на Кашоги и дека се надева на средба со неа во Белата куќа.
Во интервју за Фокс Њуз во средата навечер Трамп кажа дека е рано за донесување дефинитивна одлука што ќе биде одговорот за исчезнувањето на Кашоги. Запрашан дали размислува за блокирање на продажбата на американско оружје на Саудиска Арабија, Трамп рече дека тоа би им наштетило на САД, и дека такви договори се голем дел од растежот на економијата.
Вашингтон пост цитира турски официјален претставник кој вели дека властите се сомневаат оти 15-член тим го убил новинарот во конзулатот. Американското разузнавање пресретнало комуникации на саудиски официјални лица како дискутираат за план за фаќање на Кашоги пред неговото исчезнување, каде весникот цитира две лица запознаени со информацијата.
Актот Магнитски е наречен по Сергеј Магнитски, руски адвокат кој умре во затвор во Москва откако извести за даночна проневера што инволвира владини претставници.
Facebook Forum