Линкови за пристапност

Над 50 осомничени за корупција приведени во Саудиска Арабија


Поголем број од уапсените се членови на кралското семејство, меѓу кои и милијардерот Валид бин Талал

Сценаристите од телевизиската серија Game of Thrones би имале потешкотија да изберат најдобра епизода од она што се случи во саботата во Саудиска Арабија, кога беа уапсени голем број принцови и министри кои некогаш се сметаа за недопирливи.

Настаните ги шокираа странските инвеститори и аналитичари, а се зголеми и цената на нафтата, до највисокото ниво последниве две години.

Во акцијата без преседан, по наредба на кралот Салман, а надгледувана од неговиот син, престолонаследникот на Саудиска Арабија, беше уапсен еден од најбогатите луѓе во светот, принцот Валид бин Талал, во чија сопственост е синџирот на хотели Four Seasons. Тој е главен инвеститор и во светската медиумска империја на Руперт Мурдок.

Меѓу другите 50 уапсени лица се и Алвалид ал Ибрахим, сопственик на најголемата сателитска телевизиска мрежа на Блискиот Исток, MBC, и Бакр бин Ладен, брат на Осама бин Ладен и директор на најголемата градежна компанија во државата.

Меѓу уапсените се и истакнати воени личности, како принцот Фахд бин Абдула бин Мухамед, поранешен министер за одбрана, принцот Митеб бин Абдула, министер на елитата Национална гарда составена од 100.000 членови, како и синот на починатиот крал Абдула, чија смрт пред две години, доведе до назначување на Мохамед бин Салман како принц.

Во акцијата која од саудиските власти се опишува како борба против корупцијата, беа приземјени приватни авиони на аеродромот Џеда, за да се спречи евентуално бегство. Средствата на притворениците исто така се замрзнати.

Но, обемот на она што аналитичарите го нарекуваат „чистка“, дополнително ја консолидира моќта на 32-годишниот принц и иден крал. Тој ќе претседава со комисија за следење и истрага на корупцијата, која кралот Салман ја опиша како „експлоатација од некои слаби души за свој, наспроти јавниот интерес“.

Комисијата има овластувања да води истрага, да апси, да издаде забрани за патување, да замрзне средства, велат саудиските власти. Тие сугерираат дека повеќе членови на кралското семејство Сауд кое се состои од околу 15.000 членови, во наредните денови можат да бидат притворени, а нивниот имот запленет.

Сепак малкумина кои ги следат случувањата во Саудиска Арабија веруваат дека борбата со корупцијата е главната цел на ризичната акција. Државните и приватните финансии на членовите на семејството Сауд веќе подолго време се измешани и на нив се гледа како на едно исто. Апсењата имаат за цел зацврстување на власта на принцот, велат набљудувачите. Обемот на акцијата сугерира дека принцот и неговиот татко можеби се сомневаат дека се подготвува пуч против нив.

„Одлуката на престолонаследникот да ја консолидира власта сугерира амбиција, но и анксиозност“, вели аналитичарот Брус Рајдел, поранешен аналитичар на ЦИА и автор на книгата кој треба наскоро треба да излезе од печат, „Кралеви и претседатели: Саудиска Арабија и САД од Френклин Делано Рузвелт наваму“.

Рајдел кој пишува за веб-страницата Al Monitor, вели дека: „Младиот принц брза со убедливата визија за трансформирање на неговата земја ...Но, Мухамед бин Салман исто така е свесен дека неговото преземање на власта отуѓи многумина во кралското семејство, затоа што тие беа маргинализирани“.

Тој вели дека големиот бран апсења „сугерира длабоко противење на амбициите на младиот принц“.

Кралството се наоѓа на крстопат. Саудиска Арабија води две ипол годишна војна во соседен Јемен, против бунтовниците поддржани од ирански сили. Потегот да се дисциплинира друг сосед, Катар, со петмесечна економска блокада исто така не донесе резултати.

Во исто време главниот регионален ривал, Иран, се здобива со се` поголемо влијание на Блискиот Исток.

И покрај овие настани, саудискиот престолонаследник врши притисок за радикални реформи. Неодамна ја укина забраната жените да возат, започна амбициозна економска реконструкција со цел државата да биде помалку зависна од нафтата. Тој вети дека ќе ја насочи Саудиска Арабија кон умерено толкување на исламот.

Реформите прават непријатели, велат аналитичарите. Контролата на семејството Сауд врз кралството се базира на два столба, богатството од нафта од кое корист има целото пошироко кралско семејство и смирување на конзервативното верско движење познато како вахабизам.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG