Санта Клос или Дедо Мраз повторно е на Фејсбук, откако неговиот профил бил суспендиран на Божиќ.
Корисничката сметка на член на Градскиот совет на Норт Пол, Аљаска, чие име легално е Санта Клос, му била привремено укината, откако Фејсбук му побарал доказ за идентификација.
Клос има профил осум години, и го следат преку 300.000 луѓе. Тој рече дека ја користи страницата да шири радост за Божиќ, преку објавување инспиративни приказни, цитати и фотографии.
Портпаролот на Фејсбук рече дека суспензијата била грешка.
„Многу жалиме поради оваа грешка. Сметката беше повторно активирана веднаш штом бевме во можност да направиме истрага. Нашиот тим процесуира милиони извештаи секоја недела, и понекогаш грешиме“, рече тој.
Клос рече дека Фејсбук никогаш не му дал причина за суспензијата, но додаде дека таа уследила откако му побарале да го докаже идентитетот неколку пати.
„Тие едноставно не веруваат дека се викам Санта Клос, или дека живеам во Норт Пол“, изјави Клос за медиуми во Аљаска.
Тој нагласи дека испратил бројни документи на Фејсбук да докаже дека неговото име навистина е Санта Клос, и дека живее во градот наречен Норт Пол.