Линкови за пристапност

Лекции научени од Сенди


Додека обновувањето на погодениот регион се` уште трае, Њујорк работи на стратегии за избегнување слични катастрофи предизвикани од климатските промени.

Најголем дел од научниците се согласни дека глобалното затоплување предизвикува глечерите да се топат, што го зголемува морското ниво. Тоа, пак, прави крајбрежни области како Њујорк да бидат ранливи.

Со години, Клаус Џејкоб, истражувачки научник во опсерваторијата на Универзитетот Колумбија предупредува дека инфраструктурата на Њујорк и градската железница можат да бидат катастрофално поплавени за време на екстремни временски услови.

Заради мапите на подготовка за поплави што тој ги направил, системот останал сув за време на Сенди. Сепак, климатските промени продолжуваат да се засилуваат. Џејкоб вели дека системот на бариери може да помогне на краткорочен, до среднорочен план.

„Најпознатиот е во Холандија. Нормално овие бариери што штитат од поплави се отворени. Но кога има невреме, ги затварате, за напливот да не може да влезе во градот. Но, како што расте нивото на водата, најверојатно овие бариери ќе мора да бидат затворени трајно.

Друга стратегија е да се овозможи напливот на вода да минува низ патиштата.

„На пример, во центарот на Менхетан веројатно ќе мора да се откажеме од користење на подземните и ниските катови на зградите и да живееме од вториот кат нагоре и истото да важи и за бизнисите. Тоа исто така значи дека инфраструктурата - струја, вода, канализација, комуникации – треба да бидат отпорни на вода за да може да издржат во такви услови“.

Џејкоб вели дека исто така може да се поврзат зградите со премини над земјата. Но според него, најдобро долгорочно решение, барем за Менхетан, е трајно повлекување од крајбрежните делови на островот кон повисоките области. .

Но Стивен Коен, извршен директор на Институтот за планетата Земја на Универзитетот Колумбија, не мисли дека е потребна миграција.

Тој ја критикува федералната влада. Со месеци партиското препукување во Конгресот спречува федерални пари да бидат префрлени на сопствениците на домови чии објекти биле оштетени или уништени.

„Дел од основната функција на владата е заштита на луѓето, и ... дел од тоа што владата сега треба да го направи е да влезе во бизнис на повторна изградба и тоа да го направи брзо“.

Во исто време, Коен вели дека човештвото мора да најде алтернативи за горење на фосилно гориво што креира глобално затоплување и покачување на нивото на морето.

„Не се работи само за промена на климата. Тоа е еколошка штета. Тоа е цената на сето тоа. Мора да најдеме начин да изградиме колективен одговор на ова, така што никој да не банкротира обидувајќи се да го поправи и секој да му помага на другиот“.

Њујорчани истражуваат и други стратегии за справување со климатските промени, вклучувајќи иницијатива што комбинира инволвирање на заедницата во дисциплини како архитектурата и урбаниот дизајн за да се заштитат Њујорчаните од идни климатски настани, а во исто време разубавувајќи го градот.
XS
SM
MD
LG