Линкови за пристапност

САД изземаа 11 држави од иранските нафтени санкции


САД велат дека 11 држави „значително го намалиле“ купувањето на иранска нафта и нема да бидат предмет на американските санкции чија цел е притисок врз Иран во врска со неговата контроверзна нуклеарна програма.

Во изјава од вторник, државната секретарка Хилари Клинтон им оддаде признание на државите, главно европски, и ги поттикна другите увозници на иранска нафта да го следат нивниот пример. Таа посебно ја пофали Јапонија, велејќи дека го намалила увозот додека се соочувала со „исклучителни“ енергетски предизвици.

Главниот секретар на јапонскиот кабинет Осаму Фуџимура во среда кажа дека неговата држава е подготвена да оди уште понатаму.

Тој кажа дека Јапонија на САД им кажала дека намалувањето на увозот ќе продолжи.

Другите држави чии банки нема да бидат засегнати од санкциите се Белгија, Чешката Република, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Полска, Шпанија и Британија. Изземањата важат за период, што може да се обнови, од 180 денови.

Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер на комисија на Претставничкиот дом во вторник кажа дека европската поддршка била „критична“ и дека САД охрабруваат поширока соработка со иранските трговски партнери.

Санкциите, кои влегуваат во сила на 28 јуни, го забрануваат приодот на финансиските институции до американскиот финансиски систем доколку имаат трансакции со иранската централна банка.

Доколку државата што има примарна јурисдикција врз банка значително го намали увозот на нафта од Иран, претседателот Барак Обама може да одобри изземање. Тој исто така мора да утврди дали цената и снабдувањето со нафта од други земји им овозможува на увозниците да ги направат тие намалувања.

Претседателот може да ги пренебрегне санкциите во име на националната безбедност.

Иран ги негира наводите дека се обидува да развие атомско оружје и вели дека неговите нуклеарни активности се единствено насочени на производство на енергија и за медицински истражувања.

XS
SM
MD
LG