Линкови за пристапност

Саморегулацијата како можно решение: Дезинформациите и политичките влијанија, болна точка во македонскиот медиумски простор


Советот за етика, заедно со ОБСЕ објави насоки за етичко работење на интернет медиумите. Дали ова ќе значи искоренување на лажните вести и на партиските влијанија?

Лажните вести и политичките влијанија се дел од најгорливите моменти од работењето на македонските интернет медиуми. Ова го детектирале од Советот за етика во медиумите на Македонија, од каде неодамна објавија и насоки за етичко известување.

„Се потфрла во тој дел. Исто така нашата пракса забележува дека е присутен и сензационализмот, односно нарушување на членот осум од Кодексот на новинарите на Македонија“, вели Марина Тунева, Директорка на Советот за етика во Медиумите.

Медиумите треба да го земат во предвид и критичкиот однос кон дезинформациите и пропагандата, а како дел од нивната медиумска улога на чувари во општеството, особено во време на изборните кампањи
Амбасадор Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје


Била потребна една година да се изготват насоките. Во процесот се приклучила и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од каде посочуваат дека улогата на медиумите е клучна особено во борбата со лажните вести.

„Медиумите треба да го земат во предвид и критичкиот однос кон дезинформациите и пропагандата, а како дел од нивната медиумска улога на чувари во општеството, особено во време на изборните кампањи, и кога покриваат дебати за прашања од јавен интерес“, истакнува амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Овие насоки, како што велат од Советот за етика, се направени за да се поттикне свеста за саморегулација.

Не ни е целта да казнуваме и да покажуваме некаква моќ во однос на казнувањето, колку што повеќе ни е да ја афирмираме саморегулацијата
Марина Тунева, Директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија


„Нам не ни е целта да казнуваме и да покажуваме некаква моќ во однос на казнувањето, колку што повеќе ни е да ја афирмираме саморегулацијата и да ја истакнеме моќта на моралните санкции. Ако еден медиум го разбере значењето на тоа и ако ги поддржува овие процеси, тогаш може многу лесно да се снаоѓа во овој простор, во кој за жал има и негативни трендови што ги предизвикуваат други платформи или медиуми“, истакнува Тунева.

Од Здружението на новинарите на Македонија, исто така биле дел од процесот на подготовка. Велат дека е неопходно медиумската заедница да сфати дека работи за јавниот интерес, а не за политички интереси.

„Да сфатиме дека ние работиме во интерес на јавноста и во интерес на граѓаните. Не работиме и не треба да работиме во интерес ниту на политички партии, ниту на влада, ниту на опозиција, ниту, пак, на некои што креираат дезинформации заради одредени политички или бизнис мотиви“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Не работиме и не треба да работиме во интерес ниту на политички партии, ниту на влада, ниту на опозиција, ниту, пак, на некои што креираат дезинформации
Младен Чадиковски, Претседател на Здружението на новинарите на Македонија


Сепак, проблемите во етичкото работење на медиумите се повеќеслојни. Новинарот и раководител на проект „Плусинфо“, Бранко Героски, посочува дека насоките за саморегулација не се доволни.

„Посериозен проблем се редакциите кои се тука за да извршат некаква пропагандна функција за своите сопственици, најчесто политички афилирани“, истакнува Героски.

Героски посочува и на уште еден проблем.

„Во македонските медиуми постојат доста скриени сопственици. Еден од начините е транспарентно да се декларира сопственоста. Но, самото декларирање не значи дека тоа е вистинито. Потребна е една институција во државата, јас ја нарекувам медиумски обдусман, која ќе треба меѓу другото да се посвети и на откривање на вистинските сопствеништва“.

Потребна е една институција во државата, јас ја нарекувам медиумски обдусман, која ќе треба меѓу другото да се посвети и на откривање на вистинските сопствеништва
Бранко Героски, новинар и раководител на проектот „Плусинфо“


Сè уште е низок и ефектот за економска независност што се очекуваше со новиот Регистар на професионални медиуми.

„Тоа што сè уште не сме задоволни доволно е што бизнис заедницата во недоволна мера го препознава регистарот како место за онлајн медиумска сфера, каде што тие треба да ги пласираат своите кампањи“, додава претседателот на ЗНМ, Чадиковски.

Според познавачите, предизборието е најранлив момент во етичкото известување. Дали новите насоки ќе го поминат тестот на локалните избори годинава?

XS
SM
MD
LG