Американската управа за храна и лекови размислува дали да одобри генетски модифициран лосос за масовно конзумирање – прво вакво животно што би се нашло на трпезата. Поддржувачите истакнуваат дека тоа би значело повеќе риба на пазарот и олеснување за намалениот природен рибен фонд. Противниците предупредуваат на опасност по здравјето на луѓето и животната средина.
50-тина демонстранти деновиве се собраа пред Белата куќа, барајќи Управата за храна и лекови да го одбие.барањето на компанијата Аквабаунти за производство на генетски модифициран лосос.
„Зошто користат три истражувања со мали примероци што не се достапни за јавноста, а едно од нив е старо 19 години? Нема вистински увид во тоа колку е безбедна храната“, кажа тогаш Венона Хојтер, извршен директор на невладината организација Контрола на водата и храната.
Од друга страна, претседателот на Аквабаунти Роналд Стотиш тврди дека новата риба е безбедна за конзумирање и има голема побарувачка.
Лососот е третата најпопуларна морска риба во САД. Лани вкупниот увоз беше милијарда долари.
„Очекуваме да нарасне бројот на светското население, а со тоа и побарувачката за извори на висококвалитетен протеин, како рибите“, вели Стотиш.
Генетски модифицираниот лосос е добиен со додавање на хормон за растеж од други два вида риби. Тој се соочува со уште една потенцијална пречка - резервираноста на муштерите.
Но, Дејвид Едвардс од Организацијата за биотехнолошка индустрија не е загрижен за безбедноста од конзумирање.
„Ако администрацијата за храна и лекови вели дека е безбедно да се конзумира и истражувања го покажат истото, тогаш секако дека ќе ја јадам таа риба“, вели Едвардс.
Одлуката треба да падне во наредните неколку месеци. Ако добие зелено светло, генетски модифицираниот лосос ќе се најде на пазарот за две години.