Линкови за пристапност

Колкави се директорските плати во САД?


Во 2016-та односот на платите на директорите спрема обичните работници во најголемите фирми бил 271:1

Во истражување на Институтот за економска политика се вели дека главните извршни директори на најголемите компании во САД, во 2016-та година во просек имале плата од 15,6 милиони долари.

Во извештајот објавен вчера, авторите Лоренс Мишел и Џесика Шидер велат дека сумата е 271 пати поголема од заработката на „обичниот“ работник во истите компании.

Овој однос помеѓу платата на шефот и работникот е помала од онаа во изминатите неколку години, но се` уште е „светлосни години“ повисока од разликата меѓу работниците и шефовите во 1965-та година - 20:1, или како што било во 1989-та 59:1.

Последниве децении платите на извршните директори пораснале многу побрзо од платите на работниците, како и од растежот на вредноста на акциите во истите компании.

Во цифрите за компензација се вклучени платите, правата да купуваат акции по одредена цена и бонуси.

Од Веб-страницата Salary.com велат дека извршните директори се високо платени, бидејќи нивните вештини и одговорности се „екстремни“, и има ограничен број на лица кои можат да ги извршуваат овие функции.

На другиот крај од економскиот спектар, американските работници со полно работно добиваат минимална плата од околу 15.000 долари годишно.

Иако повеќето работници заработуваат повеќе, а многу сојузни држави имаат дефинирано повисока минимална плата, оние на дното заработуваат околу 1:1000, во споредба со извршните директори.

Федералната минимална плата од 7,25 долари на час не е зголемена веќе осум години.

Групата наречена „Бизнис за фер минимална плата“ тврди дека инфлацијата во тој период ја намалила вредноста на оние со и онака ниски плати за околу 15 проценти.

Додека голем број бизниси тврдат дека зголемувањето на минималната плата ќе резултира во помалку работни места, од „Бизнис за фер минимална плата“ велат дека повисоките плати за ниско платените работници би можеле да ја стимулираат потрошувачката и да и помогнат економијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG