Синдикатот на работниците во автоиндустријата во САД штрајкува, барајќи повисоки плати и други бенефиции. Додека се преговара, производителите се на саемот за автомобили во Детроит. Известува Кејн Фарабо.
Внатре во конгресната сала Хантингтон Плејс, претходно како Кобо Центарот - кој беше домаќин на саемот за автомобили во Детроит со децении - оваа година има помалку светла ... помалку камери ... и помалку акција.
„Не како порано со големите телевизиски екрани“, вели Џеф Гилберт, кој известува за автомобилската индустрија за локалната радио станица во Детроит „WWJ.
Гилберт присуствува на меѓународниот саем за автомобили во Детроит повеќе од 30 години и вели дека овогодинешниот настан се базира на тоа, како технологијата го менува начинот на кој производителите на автомобили продаваат нови производи.
„Интернетот им овозможува на производителите на автомобили повеќе опции за возила, додека на производителите на автомобили им е јасно дека деновите со претставување на нови 20 автомобили на едно место, повеќе не го добивате вниманието за индивидуалниот производ“, додава Гилберт.
Гилберт вели дека овогодинешното шоу се фокусира помалку на меѓународните брендови, а повеќе на традиционалните американски производители на автомобили како „Биг 3“ на Форд, Џенерал Моторс и Стелантис, кои меѓу другите ги поседуваат марките на Крајслер, Доџ и Џип.
„Порано луѓето доаѓаа од целиот свет за да видат нови возила. Тојота е единствениот производител кој не е од Детроит а кој има свој штанд“, објаснува Гилберт.
„Нема толку многу гламур сега“, смета Џон Стемберг, специјалист за Тојота.
Стемберг вели дека саемот за автомобили во Детроит и овозможува на Тојота не само да ги покаже своите нови возила, туку и да ја демонстрира својата инвестиција во домашното производство на САД.
„Имаме 10 производствени погони во САД. Од сите Тојоти што ги продаваме во сите наши застапници, повеќе од половина, околу 55 проценти, се произведени во САД“, додава Стемберг.
Даун Мекензи, менаџерка за комуникации за камионети на Форд, вели дека откривањето на нови производи онлајн му дава на производителот од Мичиген поголема слобода да обезбеди други искуства на автосалонот, како тест возење во нов електричен камионет или автомобил.
„Гледаме производители, а особено ние во Форд, како прават некои поинакви работи поврзани со поминатото време во автосалонот, а тоа можеби и не е толку многу нагласено на прес-конференциите“, објаснува Мекензи.
Додека некои производители на автомобили сè уште одржуваат прес-конференции, Мекензи вели дека фокусот на Форд е на стотиците илјади потенцијални клиенти кои го посетуваат саемот.
„Потрошувачите сè уште сакаат да одат на саеми за автомобили и да ги погледнат возилата одблизу, да седат во нив, да погледнат наоколу, да споредуваат... на интернет ништо од тоа не е возможно“, смета Мекензи.
Саемот за автомобили во Детроит постои од 1899 година, но Стемберг од Тојота вели дека нејзините блескави изданија на производи се минато, но во секој случај, настанот во Детроит и други слични низ целата земја нема да исчезнат наскоро.
„Сепак, 50 милиони луѓе годишно доаѓаат на саеми за автомобили, така што има одлична можност“, вели Стемберг од „Тојота“.
Саемот за автомобили во Детроит во 2022 година привлече околу половина повеќе посетители отколку во 2019 година пред пандемијата, но организаторите очекуваат севкупно зголемување на посетеноста оваа година.
Facebook Forum