Зголемените докази за проширување на военото партнерство меѓу Северна Кореја и Русија предизвикуваат повторна загриженост во Вашингтон, каде што властите гледаат како Москва прави решителен, но очајнички притисок да напредува во војната против Украина.
Зголеменото чувство на вознемиреност доаѓа по наводите на сојузникот на САД, Јужна Кореја, дека Северна Кореја испратила 1.500 војници од своите специјални сили во Владивосток, Русија, на почетокот на овој месец, со планови за дополнително распоредување.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја (НИС) соопшти дека ги идентификувала севернокорејските специјални сили користејќи софтвер за препознавање лица со вештачка интелигенција и дека војниците биле опремени со руски униформи, опрема и лични карти.
Украинските власти во петокот се обидоа да ги зајакнат тврдењата на Сеул, објавувајќи видео на кое наводно се гледаат севернокорејските сили на полигонот Сергиевски во Русија додека се подготвуваат за распоредување.
„Загрижени сме“, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савет.
„Доколку е вистина ова, тоа би означило значително зголемување на одбранбените односи Северна Кореја - Русија“, додаде тој.
Американските и западните официјални лица со месеци предупредуваат за воените врски меѓу Москва и Пјонгјанг.
Изминатиов мај, американската одбранбена разузнавачка агенција декласифицираше фотографии и анализи кои укажуваат на тоа дека Русија користи проектили произведени од Северна Кореја за да погоди цели во Украина, вклучително и за време на нападот врз Харков претходно оваа година.
Во јуни, американските одбранбени претставници, исто така, го обвинија Пјонгјанг за испорака на повеќе од 1.000 контејнери со воена опрема и муниција во Русија, веројатно во замена за ракетни проектили земја-воздух и технологија за балистички проектили.
Најновата проценка на јужнокорејската НИС сугерира дека таквата размена е забрзана и дека од август минатата година, Северна Кореја и испратила на Русија повеќе од 13.000 контејнери со артилериски куршуми, балистички ракети и противтенковски ракети.