Џон Кирби, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, вели дека е сосема јасно оти ИСИС е одговорен за терористичкиот напад во Москва минатата недела, откако портпаролите на руската влада и други се обидоа да ја префрлат вината на Украина, САД и сите други што одговараат на нивните политички наративи.
„Всушност, САД се обидоа да помогнат да се спречи овој терористички напад. И Кремљ го знае ова“, рече Кирби.
Руските власти, сепак, инсистираат на тоа дека Украина и Западот имале улога, што Киев жестоко го негира.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини рускиот колега Владимир Путин дека се обидува да ги вжешти чувствата додека неговите сили се борат во Украина.
„Пред нападот на 22 март, владата на САД обезбеди јасни детални информации до руските власти во врска со терористичката закана против големите собири и концерти во Москва“, изјави Кирби, додавајќи дека САД писмено испратиле предупредување до руските безбедносни служби.
Дополнително, рече тој, САД објавиле јавен совет до американските граѓани да избегнуваат големи собири и концерти во Москва.
„Оваа информација ѝ ја дадовме на Русија бидејќи САД многу сериозно ја сфаќаат нашата должност да предупредуваат. Никогаш не сакаме да видиме изгубени невини животи и терористички напади“, кажа Кирби.
Бројот на загинати во концертната сала во Москва се искачил на 143, соопштија вчера руските власти.
Околу 80 други лица ранети остануваат хоспитализирани.
Масакрот во петокот вечерта во северозападната периферија на Москва, беше најсмртоносниот екстремистички напад на руска територија во речиси две децении.
Најмалку четворица вооружени напаѓачи со автоматски пушки пукаа во илјадници посетители на концертот и го запалија местото.