Линкови за пристапност

САД се еден од најголемите стратешки партнери на Северна Македонија


„Верувам дека вклучувањето на младите луѓе во изнаоѓањето на решенија за многу општествени проблеми ќе ги даде вистинските одговори“, рече Спасовски.
„Верувам дека вклучувањето на младите луѓе во изнаоѓањето на решенија за многу општествени проблеми ќе ги даде вистинските одговори“, рече Спасовски.

Првиот човек на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик рече дека САД се едни од најголемите партнери кои што работат заедно со МВР во градењето на капацитетите на министерството. Спасовски вели дека безбедносната состојба во државата е стабилна, а 11 проценти е забележан пад на криминалитетот споредбено со истиот период од минатата година.

Глас на Америка: Господине Спасовски, две војни што се водат истовремени го окупираат вниманието на јавноста во светот, а и регионот на Балканот не е без тензии. Од таа перспектива, како ја оценувате безбедносната ситуација на државата?

Оливер Спасовски: Факт е дека глобалните геополитички случувања, пред се, руската агресија врз Украина, еве сега случувањата во Израел и Палестина, меѓутоа и конфликтите, тензиите кои што се на северот на Косово имаат сериозно влијание врз состојбите претежно во областа на безбедноста, и токму заради тоа не само Министерството за внатрешни работи, туку генерално и сите безбедносни служби, агенции во рамките на Република Северна Македонија преземаат се на дневна основа за да можеме да ја одржиме состојбата безбедна и стабилна и секако согласно на се она што може да има импликации да превенираме било какво нарушување на безбедноста. Така да, во моментов состојбата е стабилна состојба од безбедносен аспект, немаме некакви индиции за можно нарушување на

Состојбата е на едно завидно безбедносно ниво

целата таа состојба, мислам дека активностите кои што ги преземаме секојдневно, во подобрувањето на безбедносната состојба, во подобрувањето на состојбата со криминалитетот, падот на криминалитетот за 11% на ниво на државата во споредба со минатата година истиот период, зголемувањето на ефикасноста во работењето на полицијата, се тоа се параметри кои што покажуваат дека состојбата е на едно завидно безбедносно ниво. Секако дека тука мора да се цени и она што практично го правиме како земја членка на НАТО Алијансата, а тоа секако влијае врз безбедноста во државата, влијае позитивно заради тоа што не сме сами, сега имаме веќе силен сојуз, сме дел од најголемиот воено-политички сојуз со силни партнери внатре со кој што заедно работиме практично за обезбедувањето и на нашата, меѓутоа и на регионалната и на глобалната безбедност.

Глас на Америка: Голем приоритет за САД е борба против дезинформации што се шират посебно од Русија преку медиуми во регионот. Како МВР се справува со лажните вести и сајбер нападите?

Оливер Спасовски: Секако дека зголемувањето на зависности, пред се од дигиталните технологии за функционирање на државните институции, организации, во општеството генерално и ставањето во прв план на тие информатичко-комуникативни системи на врвот на приоритетите за заштита се клучниот елемент и во заштита на кривичната инфраструктура на државата. Најголемиот приоритет во овој дел е да се заштити државата односно оваа критична инфраструктура од сајбер нападите. Знаеме дека посебно после руската инвазија врз Украина се зголеми нивото на сајбер нападите односно таа хибридна војна под која што се најдовме сите ние, па и Република Северна Македонија е нешто што претставува сериозен проблем заради тоа што и самите експерти кажуваат дека ваквата војна-хибридна со ваков степен на активности што се преземаат по електронски пат може да биде многу поразорна отколку и конвенционалните војни. Секако дека се покажува дека успешно ако сакате да се заштитите, ако сакате да ја заштитите критичната инфраструктура е силната меѓународна соработка, размената на податоците и информациите на сите агенции кои што се за спроведувањето на законот од една страна и второ е јакнењето на капацитетите на институциите. Покрај материјално-техничките ресурси, секако дека тука се важни и човечките ресурси кои што ги имаме и во тој дел работиме напорно за да не само преку стратегијата за борба против сајбер нападите, туку и во јакнење на капацитетите во секоја една институција се со цел да имаме правовремен и брз одговор на ваквите современи трендови. Секако дека комуникацијата, социјалните платформи создаваат можност многу бргу да се комуницира и тие се во поддршка на криминалните структури, на тероризмот итн., сето тоа е нешто со кое се справуваме скоро секојдневно. Говорот на омраза сакам да го истакнам, ширењето на лажните вести, сето ова подразбира дека и државата преку институциите мора да се пренасочи кон создавањето на друга клима во работењето или друга инфраструктура во работењето се со цел да биде заштитена државата од сајбер нападите и сајбер заканите за кои што практично постоеше и во Република Северна Македонија.

Глас на Америка: Минатата година ја одбележаа серија на закани со бомби во училишта и државни институции. Уште не излеговте со резултати од тие истраги. Имате ли некакви сознанија од каде потекнуваа тие закани?

Оливер Спасовски: Во однос на хибридните закани јас ги споменав и претходно. Сведоци бевме дека крајот на 2022, почетокот на 2023 година не само во Северна Македонија, туку нашите соседни земји, земјите од Европа, Соединетите Американски Држави, Нов Зеланд беа баш цел на такви сајбер закани и реков дека интензитетот се зголеми многу после руската инвазија врз Украина. Ние покажавме исклучителна спремност за справувањето со овој предизвик кој што беше сериозен заради тоа што, не само образовните институции туку генерално и јавните институции кои во тој момент на кои што им се упатуваа заканите беа со намера да ги дестабилизираат институциите, да предизвикаат страв, да предизвикаат неизвесност кај граѓаните, несигурност итн. и во овој дел работевме навистина напорно преку нашиот Оддел за сериозен и организиран криминал, меѓутоа и со меѓународна соработка и Европол и со Интерпол и со сите наши партнери кои што ги имаме, секако дека за околу шест групи кои што делуваа на територијата на државата тие откриени и веќе се процесоирани. Значи, за шест групи кои што упатуваа сајбер закани од било какви причини на територијата на државата за кои што се обезбедија доказите тие се процесоирани пред Јавното обвинителство. Меѓутоа, постојат и закани веројатно од групи кои што ги испратија преку т.н. ВПН конекции до кои што многу тешко се доаѓа до доказ од каде тие се испратени и тоа е потешкотија не само за нас, тоа е потешкотија и за сите држави во светот бидејќи создавањето на такви конекции практично овозможува да не се

Измената на протоколите беше во функција да создадеме поефикасен систем за справување со сајбер заканите

дојде до сторителот. Меѓутоа, тоа што требаше да се направи во рамките на институцијата, тоа што требаше да го подобри нормативниот дел, да ги подобри процедурите да направиме нови протоколи, нови упатства во делот на делувањето при ваквите сајбер напади, тоа го направивме и тоа даде одлични резултати. Значи, се создаде правна можност во која што практично ќе се анализира степенот на опасноста и степенот на веројатноста за остварување на таквите закани. Одиме од низок, среден и висок степен и врз основа на тоа се постапува во секој еден случај. Значи, измената на протоколите беше во функција да создадеме поефикасен систем за справување со сајбер заканите, а никако да не се создаде систем кој што нема да дава одговори практично на сајбер заканите. Така да, овие измени на протоколите не значеа дека полицијата нема да реагира, туку ќе реагира на начин кој што е соодветен на степенот на заканата.

Глас на Америка: Како МВР се справува со трговијата со дрога и дали имате посериозни заплени?

Оливер Спасовски: Секако дека спречувањето на трговијата со дрога е еден од основните приоритети на Министерството за внатрешни работи, исто како што е и трговијата со оружје еден од сегментите во борбата против организираниот и транснационален криминал и токму во овие први девет месеци од 2023 година имаме некаде околу 576 кривични дела откриено за трговија со дрога, пријавени се некаде околу 680 сторители и притоа бележиме на заплените на кокаин, на амфетамин и на екстази. Имаме запленето околу 3,2 килограми кокаин, 304 килограми марихуана, седум килограми амфетамини, околу 4.000 парчиња екстази, 5.000 таблети трамадол, 3.500 таблети МДМА и притоа е откриена една лабораторија за производство на амфетамини. Ова се резултатите кои што говорат за зголемување на откривачката функција на трговијата со дрога и покажуваат посветеност во работењето и тоа на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со дрога. Значителни постигнување се остварени и во спречување на организираните облици на трговија со дрога при што во овој период се пресечени три меѓународни транспорти на марихуана и се сузбиени пет криминални групи кои дејствување меѓународно и национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин во кои членувале 28 македонски државјани и притоа се запленети околу 71 килограм

Најголемите криминални групи и структури во државата, во Скопје, познатите групи од Грчец, од Арачиново и од Чаир се скоро целосно разбиени

марихуана и 1,5 килограми кокаин, а во рамки на две организирани криминални групи на територијата на Албанија и на територијата на Грција се запленети 429 килограми кокаин кои што практично акции се одвиваа со информации на нашите служби од Министерството за внатрешни работи и заеднички со Албанија и со Грција ги завршивме успешно овие акции. Дополнително, на почетокот на јуни Одделот за криминалистичката полиција во рамки на заедничката меѓународна истрага за борба против дрога во Солун, Грција и американската служба за борба против дрога ДЕА имаа успешно реализирана акција на заплена на 161 килограм кокаин кој што бил транспортиран од Еквадор. Ова е една од акциите кои што ја спомнав, а втората е 104 килограми кокаин каде што се лишени од слобода 10 лица од кои што се седум државјани на Република Грција и три државјани на Република Албанија, а четири државјани на Република Северна Македонија. Секако дека ова се одлични резултати, резултати кои што се едни од најдобрите во последните 30 години од независноста на државата до денеска и практично најголемите криминални групи и структури во државата, во Скопје, познатите групи од Грчец, од Арачиново и од Чаир се скоро целосно разбиени и на тој начин дадовме еден сериозен одговор за тоа каква е намерата на државата да се справи со најтешките облици на криминалитет, а тоа е секако трговијата со дрога.

Глас на Америка: Случајот „Онкологија” не престанува да ја бранува јавноста. Вие изјавивте дека за овој случај поднесена е пријава уште пред 10 години, но дека обвинителството нема ништо преземено. Од друга страна, пак, опозициската ВМРО - ДПМНЕ бара одговорност од вас. Кој потфрли во овој случај?

Оливер Спасовски: Прво е многу важно целосно да се затвори случајот „Онкологија“, да се утврдат сите факти и докази тие кои што се одговорни со име и со презиме да бидат посочени и изведени пред лицето на правдата. Тоа е важно заради зачувување на довербата во здравствениот систем, заради зачувувањето на кредибилитетот на здравствените работници што е најважен за една држава и секако, на тој начин да се утврди конкретна одговорност која што треба да се утврди. И тука се преземени низа активности од страна на Министерството за внатрешни работи односно Одделот за криминалистичка полиција во координација со Јавното обвинителство и на тој начин практично сите документи кои што се земени и сите електронски податоци во моментов се вршат вештачења. Јас очекувам дека по завршувањето на вештачењата целиот овој случај ќе биде расветлен до крај, а сите сторители ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Да, тоа е факт дека Министерството за внатрешни работи постапувало и во 2012 година во однос на утврдување на недоследности или криминал на Клиниката за онкологија во тоа време. Има поднесено кривична пријава против конкретен сторител, тоа е директорот во тоа време, меѓутоа постапувањата на Јавното обвинителство се постапувања во нивни рамки. Јас укажав дека ние во тој период односно Министерството за внатрешни работи нема добиено ниту една наредба по која што постапувала, а дејствијата кои што ги преземало тогашното обвинителство, тоа е веќе во нивна надлежност и втората пријава која што е поднесена е поднесена во 2020 година за која што практично МВР поднесува кривични пријави за случувањата на Онкологија. Така да, најдобро за сите нас, најдобро за државата е да се утврдат детално фактите и оние кои што се одговорни да носат одговорност, да излезат пред лицето на правдата, само на тој начин ќе можеме да ја вратиме и да ја зголемуваме довербата во системот, односно во конкретниот случај во здравствениот систем

Глас на Америка: Соединетите Држави изминативе години вложија големи пари за борба против корупцијата, организираниот криминал и владеење на правото. Како тоа се проектира во работата на МВР?

Оливер Спасовски: Соединетите Американски Држави се еден од најголемите стратешки партнери на Република Северна Македонија, меѓутоа и кога зборуваме од аспект на Министерството за внатрешни работи, секако

Приоритетите на САД како наш стратешки партнер практично и ние имаме една заедничка цел, а тоа е битката против корупцијата

дека САД исто така се едни од најголемите партнери кои што работат заедно со МВР во градењето на нашите капацитети. Вложувањето во борбата против корупцијата и организираниот криминал е секако вложување во нешто што е и најголем приоритет за Министерството за внатрешни работи. И оваа борба, за жал е присутна во секое општество и таа борба не е нималку лесна ако погледнеме, ако беше лесно немаше да вреди. Секако дека борбата вреди, а со задоволство можам да кажам дека имаме и напредок во овој случај. И токму заради тоа и американскиот претседател Рузвелт ќе рече: „Ако е лесна било која борба, таа нема да вреди“. Така да, во 2021 година ја завршувавме со зголемување на 50 проценти на откривачката функција на полицијата за кривични дела кои што се поврзани со корупција и спречени се коруптивни дејствија во вредност од 149 милиони денари. Во 2022 година, се откриени 124 коруптивни кривични дела, пријавени се околу 164 за корупција и притоа имаме 158 физички лица, шест правни лица и причинетата материјална штета е некаде околу 227 милиони денари. Во текот на првите девет месеци од 2023 година откриени се 78 кривични дела со 124 сторители од кои што 120 се физички, а четири се правни лица, притоа е сузбиена организирана криминална група, а причинетата материјална штета е околу 150 милиони денари. Притоа, се гледа и во јавноста дека не се поштедени ниту актуелни ниту поранешни функционери, градоначалници, директори на правни лица, на јавни претпријатија, вработени во институциите меѓу кои што имаше вработени и во МВР и во Армијата. Така да, нема селективност во оваа битка, оваа битка е према сите, секој еден кој што се занимава со корупција, со организиран криминал, генерално со криминал мора да носи одговорност и во тој дел апсолутно сметам дека и приоритетите на САД како наш стратешки партнер практично и ние имаме една заедничка цел, а тоа е битката против корупцијата и на тој начин да покажеме и на граѓаните и да им стане јасно дека сите мерки и активности кои што ги правиме, ги правиме токму заради граѓаните. За тоа е секогаш потребно време. Ниту една промена не може да се случи преку ноќ, ниту да се постигнат тие посакувани резултати, меѓутоа секако дека ваквите дејствувања на МВР, на Обвинителството, на сите овие активности кои што ги преземаме во рамките на активностите за спречување на корупција и ја подига јавната свест и ја гради довербата во институциите на системот. Затоа што најголемата пречка за развојот на едно општество е токму корупцијата. Таа ги јаде и новите инвестиции, корупцијата ги јаде и работните места, а најмногу ја поткопува довербата во системот.

Глас на Америка: Пред крајот на ова интервју, дали очекувате наскоро да бидат изгласани уставните измени?

Оливер Спасовски: Уставните измени се обврска која што се преземени од државата, во името на државата, за доброто, за просперитетот на граѓаните. Јас искрено посакувам и очекувам тоа да се случи заради тоа што мора да понудиме решение. Немаме друга алтернатива, европскиот пат е национален интерес на Република Северна Македонија и секој еден политичар кој што е одговорен, кој што и мисли добро на државата, треба да направи се, да даде се од себе, да помогне преку артикулирање на овој интерес во политичките ставови, тоа не само декларативно, туку и суштински се со цел да го направиме исчекорот на патот кон Европската

Немаме друга алтернатива, европскиот пат е национален интерес на Република Северна Македонија

унија. Тоа го очекуваат и посакуваат најголемиот процент од граѓаните или огромното мнозинство и ние сме обврзани тоа да го правиме. Јас сум убеден дека кај сите политички субјекти и кај овие на власт политички субјекти и кај политичките субјекти во опозицијата, постојат сериозни структури кои што посакуваат да се оди напред кон остварувањето на оваа цел. Сметам дека неоправдано е секое постапување спротивно на националните интереси, посебно од политичките субјекти во опозицијата кои што за зачувување на некаков свој политички интерес или остварување на свој политички интерес, не сакаат да и помогнат на државата да исчекори напред. Тоа создава и ќе создава проблеми и затоа сметам дека преку политички дијалог треба да дојдеме час поскоро до решение и да ги отвориме перспективите на граѓаните на државата и преку процесот на преговори да ги донесеме токму тие европски вредности во делување на македонските институции. Тоа е најголемата вредност за граѓаните на Република Северна Македонија.

Глас на Америка: Министре, вашето име се спомнува често во контекст на кандидатура за претседател на државата. Подготвени ли сте за предизвикот?

Оливер Спасовски: Ако гледаме генерално или ако говориме генерално ако немало предизвици и ако не сме подготвени да се нафаќаме на предизвици, нема да се занимаваме сигурно со политика. Тоа е и во сите други сегменти на општественото живеење. Секој еден човек, пред се секој еден политичар, секој еден одговорен човек мора да има одговорност и да даде максимален придонес за државата, за заедницата, за развојот на заедницата, па ако сакате и на светот. Инаку, чие име каде се споменува засега е многу ирелевантно бидејќи се уште тоа е во просторот на шпекулациите и факт е дека ние како генерација се соочуваме со многу предизвици од кои некои ни ги пренесоа минатите генерации. Затоа е важно

Секој еден одговорен човек мора да има одговорност и да даде максимален придонес за државата

ние да бидеме мудри, да бидеме инвентивни, да бидеме визионери, да бидеме храбри, да не им оставаме сериозни проблеми на идните генерации туку создадеме еден добар, трасиран пат кој што ќе создаде можност сериозна надградба на економскиот просперитет на државата и тука пред се мислам на нашите млади луѓе бидејќи младите се иднината за секое општество, така и за македонското општество. Јас верувам дека вклучувањето на младите луѓе во изнаоѓањето на решенија за многу општествени проблеми ќе ги даде вистинските одговори. Бидејќи денеска честопати се прашуваме дали сме на вистинскиот пат, дали политиките ни се исправни, дали преку тие политики ќе овозможиме што е можно повеќе млади луѓе да ја гледаат перспективата во државата, меѓутоа ако сакаме тоа да го постигнеме тоа треба да го направиме преку вклучувањето на младите во самите политики. Така да, јас сметам дека секој одговорен човек треба да земе дел од предизвиците, меѓутоа сметам дека и непотребно трошиме време на шпекулации, на информации, податоци итн. Кога ќе дојде моментот ќе се разговара за тие прашања бидејќи разговорите секојдневно на овие теми само можат да не дефокусираат и да не оддалечуваат од крајната цел.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG