Линкови за пристапност

САД санкционираа фирма во Македонија поради активности против американската национална безбедност


Пролиферацијата на комерцијален шпионски софтвер носи посебни и растечки контраразузнавачки и безбедносни ризици за САД, вклучително и за безбедноста на персоналот на американската влада и нивните семејства, соопшти Стејт департментот
Пролиферацијата на комерцијален шпионски софтвер носи посебни и растечки контраразузнавачки и безбедносни ризици за САД, вклучително и за безбедноста на персоналот на американската влада и нивните семејства, соопшти Стејт департментот

Владата на САД додаде четири странски комерцијални шпионски ентитети на листата за трговски рестрикции заради ангажирање во активности спротивни на националната безбедност или надворешнополитичките интереси на САД, меѓу кои фирмата Cytrox AD во Северна Македонија.

Другите фирми се Intellexa S.A. во Грција, Intellexa Limited во Ирска и Cytrox Holdings Crt во Унгарија, соопшти Стејт департментот.

Овие компании биле додадени на листата на ентитети врз основа на утврдување дека се занимаваат со трговија со сајберексплоатации за да добијат пристап до информациски системи, доведувајќи ја во ризик приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.

„Пролиферацијата на комерцијален шпионски софтвер носи посебни и растечки контраразузнавачки и безбедносни ризици за САД, вклучително и за безбедноста на персоналот на американската влада и нивните семејства“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „злоупотребата на овие алатки на глобално ниво, исто така, ја олеснува репресијата и овозможува кршење на човековите права, вклучително и заплашување на политичките противници и ограничување на несогласувањето, ограничување на слободата на изразување и следење и таргетирање на активисти и новинари“.

Стејт департментот рече дека денешната акција е дел од напорите на целата влада да се спротивстави на ризиците од комерцијалниот шпионски софтвер.

Додавањето на овие ентитети се надоврзува на минатите списоци на американската влада на комерцијални компании за шпионски софтвер.

„Заедно, овие активности ја демонстрираат континуираната посветеност и лидерството на САД во борбата против злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер и друга технологија за надзор“.

XS
SM
MD
LG