Одделот за финансии на САД денес означи две лица и пет ентитети поврзани со конзорциумот Интелекса, меѓу кои и компанијата Сајтрокс АД, со седиште во Северна Македонија, за нивната улога во развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително и државни службеници на САД, новинари и експерти за политика.
САД лани ја ставија македонската компанија Сајтрокс на црната листа и им забранија на американските компании да работат со неа оти претставувала закана за „националната безбедност и интересите на надворешната политика на САД“.
„Распространетоста и злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер претставуваат зголемени безбедносни ризици за САД. Странските актери злоупотребиле таков шпионски софтвер за да овозможат кршење на човековите права и да ги таргетираат дисидентите на глобално ниво за репресија и одмазда“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Милер рече дека „денешните ознаки имаат за цел да ја обесхрабрат злоупотребата на алатките за надзор и да ги одразат напорите на владата на САД да воспостави јасни заштитни огради за одговорен развој и употреба на овие технологии усогласени со заштитата на човековите права и демократските вредности ширум светот“.
Сајтрокс АД е компанија во рамките на конзорциумот Интелекса и делува како развивач на шпионскиот софтвер Предатор на конзорциумот.
Сајтрокс АД беше додадена на списокот на ентитети на Одделот за трговија на 18 јули 2023 година, за трговија со сајберексплоатации, што се користат за да се добие пристап до информациски системи, загрозувајќи ја приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.