Линкови за пристапност

САД испраќаат 1,2 милијарди долари воена помош за Украина


ВАШИНГТОН - Соединетите Американски Држави најавија нова воена помош за Украина, вредна 1,2 милијарди долари, за зајакнување на нејзината противвоздушна одбрана и одржување на резервите на артилериска муниција, објави во вторникот Одделот за одбрана.

Парите за помошта ќе бидат земени од Иницијативата за безбедносна помош на Украина. За разлика од американската опрема, оружје и муниција кои почесто се испраќаат во Украина од залихите на Пентагон - и можат брзо да се испорачаат - средствата доделени во вторник ќе бидат потрошени во наредните месеци или дури години за да се задоволат идните безбедносни потреби на Украина.

Новиот пакет помош вклучува дополнителни противвоздушни системи и муниција, опрема за интеграција на западни фрлачи, ракети и радари во украинскиот противвоздушен систем, беспилотни летала, сателитски услуги.

Соединетите Американски Држави, заедно со овој пакет, и испратија на Украина воена помош во вкупна вредност од речиси 37 милијарди долари од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Одлуката за новата американска помош е донесена во време кога Украина се подготвува за почеток на пролетната офанзива против руските сили, додека воздушната одбрана е постојан проблем.

Украинската воздушна одбрана собори 35 ирански беспилотни летала над Киев во последниот руски напад во понеделникот вечерта, соопштија официјални лица. Остатоци од дрон погодија станбена зграда во Киев, изјави градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на Телеграм.

Русија гранатираше 127 цели низ северниот, јужниот и источниот дел на Украина. Во нападите загинаа тројца цивили, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Соочена со економски санкции и ограничени резерви поради инвазијата на Украина, Русија редовно користи беспилотни летала од Иран. Пакетите за воена помош на САД вклучуваат и системи за соборување на беспилотни летала.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG