Линкови за пристапност

САД им одобрија на Данска и Холандија да испратат Ф-16 во Украина


САД им дадоа одобрение на сојузниците Данска и Холандија да испратат борбени авиони Ф-16 во Украина, според официјални лица.

Не беше јасно кога Украина би можела да ги добие авионите, кои долго време ги бара за да се спротивстави на воздушната супериорност на Русија.

Во објава на X, платформата порано позната како Твитер, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра рече:

„Ја поздравуваме одлуката на Вашингтон да го отвори патот за испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина“.

САД мора да одобрат трансакции со Ф-16 бидејќи авионите се произведени во САД. И покрај веста, не e јасно кога Украина ќе ги добие авионите.

Пилотите мора да поминат опсежна обука пред Украина да ги прими авионите.

Претходно денес, Украина се обиде да изврши напад со беспилотно летало врз Москва, но руските сили го соборија беспилотното летало.

Откако Русија го собори дронот, остатоците од нападот паднаа на московскиот Експо центар, огромен изложбен простор, кој се наоѓа на помалку од 7 километри од Кремљ.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на Телеграм изјави дека остатоците од дронот паднале во близина на Експо центарот, но „не предизвикале значителна штета“.

Британското министерство за одбрана денес во своето секојдневно ажурирање за Украина соопшти дека Русија објавила нов руски учебник по историја за училиштата „во окупираните региони на Украина и ширум Руската Федерација“, почнувајќи од септември.

Министерството објави на X, дека „целта на Русија е да создаде проКремљ информативен простор во окупираните региони со цел да го наруши украинскиот национален идентитет“.

Украина вчера тврдеше дека нејзината контраофанзива вратила делови од копното под контрола на Русија во југоисточниот дел на земјата.

Русија контролира речиси една петтина од Украина, вклучувајќи го и Кримскиот Полуостров што го анектираше во 2014 година, поголемиот дел од регионот Луганск и големите делови од регионите Доњецк, Запорожје и Херсон.

Киев вели дека неговата контраофанзива напредува побавно отколку што се надеваше поради огромните руски мински полиња и силно утврдените руски одбранбени линии.

Дел од информациите во овој извештај се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG