Линкови за пристапност

САД и Кенија потпишаа договор за одбрана


САД и Кенија денес потпишаа договор за одбрана, чија цел е зајакнување на антитерористичките напори во Источна Африка и поддршка на напорите на Кенија да го преземе водството во безбедносната мисија на Хаити.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и министерот за одбрана на Кенија го потпишаа петгодишниот договор денес во кенискиот главен град Најроби.

Остин рече дека САД ѝ се „благодарни на Кенија за нејзиното лидерство во справувањето со безбедносните предизвици во регионот и ширум светот“ и ѝ се заблагодари на земјата за нејзината подготвеност да го преземе водството на мултинационалните безбедносни сили за борба против насилството на бандите на Хаити.

Тој рече дека администрацијата на Бајден ќе работи со Конгресот за да обезбеди финансирање од 100 милиони долари што ги вети за мисијата на Хаити минатата недела на маргините на Генералното собрание на ОН.

„САД се подготвени да ја поддржат таа важна мисија со обезбедување силна финансиска и логистичка помош“, рече тој.

Остин ги повика другите нации да го следат примерот на Кенија и да обезбедат повеќе персонал, опрема, поддршка, обука и финансирање за планираната мултинационална безбедносна мисија на Хаити.

Кенија вети дека ќе испрати 1.000 безбедносни службеници на Хаити за да се спротивстави на насилството на бандите што се зголеми по атентатот на претседателот на Хаити во јули 2021 година.

Безбедносната мисија, која допрва треба да биде одобрена од Советот за безбедност на ОН, беше побарана од премиерот на Хаити минатиот октомври.

За регионалната борба против Ал Шабаб, Остин рече дека американската влада длабоко го цени нејзиното партнерство со Кенија во спротивставувањето на милитантната група.

XS
SM
MD
LG