Линкови за пристапност

САД го санкционираа Александар Вулин поради корупција


САД воведоа санкции за директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија Александар Вулин.

„Санкционирањето на Александар Вулин ја покажува решеноста на САД да ги повикаат на одговорност оние кои се впуштаат во коруптивни активности кои ги унапредуваат нивните сопствени политички агенди и лични интереси на штета на мирот и стабилноста на Западен Балкан. Тие коруптивни зделки го олеснуваат ширењето на руските злонамерни активности во Србија и во регионот“, се вели во соопштението на Канцеларијата за контрола на странски средства на Одделот за финансии на САД.

Брајан Нелсон, потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање, рече дека американските власти нема да се двоумат да ги санкционираат службениците кои ја злоупотребуваат функцијата за лична корист - додека ја поткопуваат демократијата на Западен Балкан.

Во соопштението се наведува дека Александар Вулин, висок функционер на Владата на Србија (ја вршел функцијата министер за одбрана и внатрешни работи), бил вклучен во транснационален организиран криминал, нелегални операции поврзани со наркотици и злоупотреба на јавна функција.

„Вулин имаше корисен однос со трговецот со оружје Слободан Тешиќ - помагајќи им на илегалните пратки на оружје на Тешиќ да се движат слободно низ границите на Србија. Дејствијата на Вулин промовираа корупција во владините институции во Србија. Овие дела вклучуваат користење на неговиот авторитет за лична корист, вклучително и вмешаност во синџир за трговија со дрога. Тој ја искористи својата позиција за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги злонамерните активности на Русија кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за натамошно влијание во регионот“, се вели во соопштението.

Беше посочено дека институциите на кои тој беше на чело во минатото не се цел на санкции.

Се вели дека врз основа на одлука на Канцеларијата за контрола на странски средства на Одделот за финансии на САД, сите средства на Вулин лоцирани во САД или во сопственост или контролирани од американски државјани се блокирани и мора да бидат пријавени на тоа тело.

Забранети се и сите трансакции на Вулин со американски приватни и правни лица.

Американската амбасада во Белград по повод санкционирањето на Александар Вулин соопшти дека оваа акција не е насочена против институциите на Република Србија.

„САД продолжуваат да ги поддржуваат граѓаните на Србија на патот кон реформирање на правосудниот систем, борбата против корупцијата и создавање подобра иднина“, се наведува во соопштението на амбасадата на Твитер.

Во јуни 2021 година, американскиот претседател Џо Бајден дополнително ги прошири овластувањата за санкции на Западен Балкан, со извршната наредба „EO 14033“, која како причини ги наведува корупцијата и заканите за мирот и стабилноста.

Вулин е санкциониран токму врз основа на таа наредба.

XS
SM
MD
LG