Линкови за пристапност

САД, Јужна Кореја и Јапонија го потврдија ветувањето дека ќе бараат денуклеаризација на Северна Кореја


Американскиот државен секретар Марко Рубио се качува во авион за Минхенската безбедносна конференција во Германија од заедничката база Ендрјус, Мериленд, на 13 февруари 2025 година.
Американскиот државен секретар Марко Рубио се качува во авион за Минхенската безбедносна конференција во Германија од заедничката база Ендрјус, Мериленд, на 13 февруари 2025 година.

САД, Јапонија и Јужна Кореја го обновија своето „цврсто“ заложување дека ќе бараат „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја, се вели во заедничката изјава на тројцата сојузници објавена во саботата (15 февруари 2025 година).

Изјавата дојде откако новиот американски државен секретар Марко Рубио ги одржа своите први состаноци со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае-Јул и највисокиот јапонскидипломат Такеши Иваја на маргините на Минхенската безбедносна конференција во саботата (15 февруари 2025 година).

„Секретарот и министрите за надворешни работи ја потврдија својата решителна посветеност на целосна денуклеаризација на Демократска Народна Република Кореја (ДНРК) во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се вели во соопштението.

„Тие ги изразија своите сериозни загрижености и потребата за заедничко справување со нуклеарните и ракетните програми на ДНРК, злонамерните кибер активности вклучувајќи крадење на криптовалути и зголемената воена соработка со Русија“, се вели во изјавата.

Трите земји испратија „силна предупредувачка порака“ и дека „нема да толерираат никакви провокации или закани кон нивните татковини“ и се обврзаа да ги одржат и засилат меѓународните санкции против Пјонгјанг.

Тие, исто така, рекоа дека се посветени на „итно решавање на прашањата за киднапираните, затворениците и невратените воени затвореници, како и прашањето за разделените семејства“.

Во голема мера отсечена од светот на дипломатски и економски план и под низа санкции, Северна Кореја со нејзината тековна програма за нуклеарно оружје со години беше главен трн во окото на САД.

Претседателот Доналд Трамп, кој имаше ретка серија состаноци со Ким Џонг Ун за време на неговиот прв мандат, рече дека повторно ќе контактира со севернокорејскиот лидер, нарекувајќи го Ким „паметен човек“.

И покрај дипломатските чекори на Трамп, Северна Кореја во јануари изјави дека нејзината нуклеарна програма ќе продолжи „на неодредено време“.

Пјонгјанг, исто така, претходно овој месец рече дека нема да толерира никаква „провокација“ од страна на Соединетите Американски Држави, откако Рубио ја нарече „непријателска држава“ во радиско интервју.

Таа, исто така, ја критикуваше посетата на американска нуклеарна подморница на поморска база во Јужна Кореја овој месец како „непријателски воен чин“.

Самитот помеѓу Трамп и Ким во Ханој пропадна во 2019 година по разговорите за олеснување на санкциите и што би била подготвена да жртвува Пјонгјанг за возврат.

Извор: Агенција Франс прес

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG