Пол Вилан, американскиот државјанин кој беше уапсен во Москва под обвинение за наводна шпионажа е идентификуван како поранешен американски маринец.
Семејството на Вилан денес објави пораки во социјалните медиуми велејќи дека тие се загрижиле откако тој не ги контактирал во петокот.
„Ги прочитавме извештаите за апсењето во Москва на Пол Вилан, нашиот син и брат“, се вели во соопштението. „Пол е пензиониран маринец и посетата на Москва беше за да присуствува на свадба“.
Семејството дознало за апсењето од руските државни медиуми, и тие затоа контактирале претставниците на Конгресот и американски дипломати.
„Ние сме загрижени за неговата безбедност и здравје“ велат од семејството на Вилан. “Тој несомнено е невин и ние веруваме дека неговите права ќе бидат почитувани“.
Во понеделникот, официјални претставници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) издадоа соопштение во кое се вели дека американскиот државјанин Пол Вилан бил притворен на 28-ми декември „кога извршувал акт на шпионажа“ и дека била отворена кривична истрага.
Тие не дадоа никакви детали, но руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека ако Вилан биде осуден, се соочува со 20 години затвор.
Портпаролот на Стејт департментот соопшти дека САД се запознаени за апсењето на американскиот државјанин:
„Бевме формално известени за притворот од страна на Министерството за надворешни работи“ кажа по електронска пошта неименуван официјален претставник. „Според Виенската конвенција Русија е обврзана да обезбеди конзуларен пристап. Ние побаравме пристап и очекуваме руските власти да го одобрат. Стејт департментот не даде дополнителни детали, наведувајќи ја како причина приватноста.“
Апсењето се совпадна со неколку шпионски скандали кои ги влошија тензиите меѓу Русија и Западот, вклучувајќи го труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија, како и апсењето на руската државјанка Марија Бутина која беше обвинета дека во САД делувала како странски агент. Бутина се изјасни за виновна затоа што под насоки на руски претставник се обидела да воспостави врски во влијателни Американци.
Веста за апсењето на Вилан доаѓа на помалку од 24 часа откако рускиот претседател Владимир Путин испрати новогодишна честитка до американскиот претседател Доналд Трамп во која рече дека Москва е отворена за продолжителен дијалог со Вашингтон по голем број теми.
Во 2016-та година, весникот Известија која важи за близок до Кремљ соопшти дека во тоа време во руските затвори имало 13 американски државјани. Оттогаш Кремљ не објави детали за други Американци кои моментно се наоѓаат во руски притвор.
Facebook Forum