Портпаролот на Кремљ изјави дека Русија е среќна што новинарот Аркадиј Бабченко е жив, но дека лажирањето на неговата смрт е „чудна“.
Според првичните извештаи на медиумите, истакнатиот руски воен известувач и критичар на Кремљ наводно бил убиен на скалите пред неговиот стан во Киев. Но, Бабченко ги шокираше новинарите кога се појави жив и здрав. Украински безбедносни претставници објаснија дека смртта била лажирана како дел од операција за спасување на животот на новинарот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека не знае дали исходот ги оправдува преземените акции и дека ова ситуација не го менува ставот на Русија дека Украина е опасно место за новинарите.
Репортери без граници ја осудија лажираната смрт на Бабченко, велејќи дека е „вознемирувачки и жално“ што Украинската безбедносна служба (СБУ) си игра со вистината.
„Дали навистина била потребна ваква шема? Нема оправдување за лажирањето на смртта на новинарот“, рече генералниот секретар на организацијата, Кристоф Делоар.
Раководителот на СБУ, Васил Хритсак стоеше до Бабченко за време на брифингот за новинарите, набројувајќи ги настаните кои довеле до обидот за атентат.
Операцијата започнала кога анонимен извор известил дека неидентификуван украински државјанин се распрашувал за купување оружје, со цел извршување на атентат.
Хритсак рече дека лицето потврдило дека тајната служба на Русија му понудила 40.000 долари за организирање и извршување на атентатот. Тој рече дека осомничениот бил поранешен сепаратистички борец кој се борел во конфликтот во Украина.
Припадниците на СБУ подоцна го регрутирале Бабченко во операција за фаќање на руските агенти кои организирале атентат на странска почва.
Властите соопштија дека посредникот кој имал задача да го ангажира атентаторот бил во притвор, и дека тие имаат дополнителни докази што ја поврзуваат руската тајна служба со заговорот за атентат.
Обраќајќи им се на новинарите, Бабченко му се обрати на своето семејство, велејќи дека му е жал за лажирањето на сопствената смрт, особено за пеколот низ кој поминала неговата сопруга Олја.
Полицијата во првичните извештаи соопшти дека сопругата на Бабченко кој го открила новинарот како лежи искрвавен во нивниот стан во Киев.
Не е јасно дали неговата сопруга била вклучена во операцијата.
Веста за атентатот го шокираше украинскиот главен град, а украинските и руските власти се обвинуваат меѓусебно за смртта на новинарот.
Украинскиот премиер Володимир Гројсман рече дека Русија го организирала убиството, додека портпаролот на Кремљ Песков го отфрли тврдењето.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека украинските власти објавиле лажна приказна како „пропаганда“.
Министерство за внатрешни работи на Украина во вторникот објави дека Бабченко починал во амбулантата на пат кон болница, откако беше застрелан во пред својот дом во Киев, каде што живеел во егзил од август 2017-та година.
Facebook Forum