Линкови за пристапност

Путин вели дека Русија е прва држава што формално одобрила вакцина против коронавирус


Научниците во Русија и во странство го поставија прашањето за потегот вакцината да се регистрира пред тестовите од третата фаза да бидат завршени

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека неговата држава станала прва во светот формално да има одобрено нова вакцина против ковид-19, и покрај недостигот на научна база податоци за поддршка на тврдењата дека лекот е безбеден за администрирање на луѓе.

Претседателот Путин ја соопшти веста за време на средба со министрите во неговата влада во вторник, што беше пренесувана на државната телевизија.

„Знам дека функционира ефикасно, формира стабилен имунитет,“ рече Путин за новата вакцина развиена во московскиот Институт Гамалеја.

Тој кажа дека вакцината ги поминала „сите неопходни проверки“ да се обезбеди нејзина безбедност, додавајќи дека неговата ќерка била вакцинирана во раната фаза на тестирање.

Претседателот кажа дека ќерка му развила мала температура на првиот ден, но, оти температурата се спуштила на нормала следниот ден.

Производството на новата руска вакцина, наречена Спутник В во чест на првиот сателит направен од луѓе во поранешниот Советски Сојуз во 1957, ќе започне следниот месец, со масовно вакцинирање што ќе започне во октомври.

Руските власти имаат речено дека медицинските работници, наставниците и другите ризични групи, ќе бидат први за вакцинирање.

Заменичката на премиерот Татјана Голикова, кажа дека вакцинирањето на лекарите би можело да започне уште овој месец.

Новата вакцина е една од над 100 можни вакцини што се развиваат во трката на владите и биомедицинските фирми за сузбивање на пандемијата, при која се заразија повеќе од 20 милиони луѓе, и која предизвика повеќе од 736.000 смртни случаи, според податоците за следење на болеста од Универзитетот Џонс Хопкинс.

Руската вакцина не е меѓу неколкуте што дојдоа до третата и конечна фаза на тестирање на луѓе, што вообичаено инволвира илјадници лица и трае со месеци, според Светската здравствена организација.

Научниците во Русија и во странство го поставија прашањето за потегот вакцината да се регистрира пред тестовите од третата фаза да бидат завршени.

Критичарите велат дека тоа може да им наштети на пациентите, и да доведе до лажно чувство на безбедност, или да ја намали довербата во вакцините.

И Русија, исто така, беше обвинета од САД, Британија и од Канада дека користи хакери за крадење на истражувања за вакцина од лабораториите во нивните држави.

Соопштението на Путин доаѓа во време кога биотехничка компанија со седиште во Кина, Синовак, лансираше подоцнежна фаза на тестирање врз луѓе, потенцијална вакцина против ковид-19 во Индонезија.

Вакцината наречена КоронаВак ќе биде администрирана на 1.620 волонтери за тестирање на нејзината безбедност и ефикасност.

Индонезија е втора нација во која Синовак лансираше тестови во подоцнежна фаза.

Синовак веќе лансираше тестирање на КоронаВак во Бразил, каде има повеќе од три милиони потврдени инфекции, како и 101.752 смртни случаи, со што стана втора држава по САД во двете категории.

Индонезија е четврта најнаселена држава во светот, каде се известува за повеќе од 127.000 случаи и 5.765 умрени.

Синовак може наскоро да почне и со тестови на луѓе во подоцнежна фаза со КоронаВак во Бангладеш. Компанијата не прави тестови во Кина поради малиот број на нови зарази.

Во меѓувреме, администрацијата на Трамп разгледува нов пакет на имиграциони правила, со кои би се забранило враќање на американски државјани и постојани жители од странство, доколку се верува дека лицето е заразено со вирусот.

Предлогот, прво објавен доцна вчера во „Њујорк тајмс“, би ги проширил сегашните правила на администрацијата за забрана на странски државјани да влезат во САД, посочувајќи на ризикот некој да влезе од места, кои важат за епицентри на заразата, каде има невообичаено висок степен на зарази.

Весникот вели дека предложеното правило може делумно да се одрази на границата со Мексико, каде многу американски граѓани и легални жители поминуваат често во двете насоки.

Предлогот нотира преовладување на ковид-19 во Мексико, како доказ за неопходноста, посочувајќи на смртта на министер за здравство во пограничната држава Чувава на почетокот на месецов.

Администрацијата на Трамп агресивно оди на ограничување на текот на имиграцијата, откако ја презеде функцијата, особено откако започна пандемијата.

Официјалните лица имплементираа програма на границата што брзо ги испраќа мигрантите од притвор назад во Мексико.

Според Универзитетот Џонс Хопкинс, САД се први во светот по број на заразени, речиси 5,1 милион, и 163.465 смртни случаи.

Американската академија на педијатри и Асоцијацијата на детски болници, регистрираа големо зголемување на бројот на деца заразени со ковид-19 минатиот месец. Речиси 100.000 деца се заразиле последните две недели во јули.

Симптомите на вирусот се релативно благи кај децата, но, сепак можат да го пренесат вирусот на повозрасните, вклучувајќи ги старите лица, кои спаѓаат во категорија со највисок ризик од зараза.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG