Линкови за пристапност

Русија нема да протера американски дипломати


Кремљ соопшти дека нема да одговори пропорционално, иако тоа првично беше најавено

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Москва нема да протера американски дипломати како одговор на санкциите поставени од претседателот Барак Обама за мешање на руските разузнавачки агенции во ноемвриските избори во САД.

„Нема да создаваме проблеми за американските дипломати. Нема да протераме никого“, кажа Путин во соопштение објавено од Кремљ.

Порано во денот, руската новинска агенција Интерфакс го цитираше министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров дека му препорачал на Путин да протера 35 дипломати и да воведе забрана за американските дипломати да ја користат амбасадорската резиденција во западна Москва и друг објект во северниот дел на градот.

Обама во четвртокот воведе неколку мерки во знак на одмазда, воведувајќи санкции кон две руски разузнавачки агенции, протерувајќи 35 оперативци и затворање на два руски дипломатски објекти во САД. Русија веднаш ги осуди санкциите како незаконски и се закани дека ќе возврати.

Обама неговите акции ги нарече „неопходен и соодветен одговор на акциите за наштетување на американските интереси и нарушување на воспоставените меѓународни норми на однесување.“

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп кој се подбиваше со наводите за руската вмешаност во изборите, кажа дека ќе се сретне со разузнавачките лидери следната недела за да биде информиран за ситуацијата.

Акцијата на Обама доаѓа со објавувањето на заедничката анализа на Федералното истражно биро (ФБИ) и Одделот за домашна безбедност во кој руските разузнавачки агенции се обвинуваат за хакерски напад со цел за влијание на изборите во 2016-та година и изнесоа низа технички детали, вклучувајќи примероци од непријателски компјутерски код кој бил користен во хакерската кампања.

Меѓу акциите наредени од Обама се воведување санкции против девет руски лица и институции: против руската воена разузнавачка агенција - ГРУ, против агенцијата за странско разузнавање - ФСБ, четири разузнавачи на ГРУ, и три компании кои доставиле материјална помош за ГРУ.

XS
SM
MD
LG