Линкови за пристапност

Амбасадорот на САД во Москва со порака - Русија мора да го смени однесувањето


Џон Ханцман ова го изјави во ексклузивното интервју за Гласот на Америка

Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка, амбасадорот на САД во Москва, Џон Ханцман, кажа дека претседателот Доналд Трамп, останал постојан во неговата стратегија спрема Русија.

„Можам да ви кажам дека од она што сум разговарал со претседателот за Русија, а се` започна уште кога ме праша дали би ја прифатил оваа позиција - тој е мошне постојан околу намерата за ангажман, и покрај предизвиците. Тој има желба да биде ангажиран и да го одржува дијалогот, и нивото на тој дијалог“.

Ханцман сепак подвлече дека Трамп ставил јасно на знаење „дека очекува каков било ангажман и средби на ниво на шефови на држави, да биде базирано на напредокот по најзначајните прашања. Доаѓајќи од приватниот сектор и работејќи со многу претседатели - републиканци и демократи, се работи за човек којшто е ориентиран на резултати. Сака да знае кои се насоките, што е сработено, каков е напредокот, на пример за Украина и слични прашања. Мошне е фокусиран на резултатите и на тоа каде води одреден однос.

Ханцман додаде дека без оглед на реакцијата на Кремљ по одлуката на САД да протераат 60 руски дипломати, како одговор на нападот со нервен агенс врз поранешен руски шпион во Британија, „одговорност е на обете земји да останат ангажирани, без оглед на тоа колку тешки можат да станат овие билатерални или регионални прашања“.

Американскиот амбасадор во Русија, порача и дека ангажираноста мора да се однесува и на прашањето на претседателските избори во оваа земја. „Не сум сигурен дека може да ги наречете избори“, рече тој. „Сум се кандидирал за јавна функција неколкупати досега и препознавам избори кога ќе се случат. Во услови на здрава дебата, имате целосно ангажирани медиуми коишто елаборираат за најбитните прашања. Јас не забележав голем дијалог за вакви прашања“, изјави Ханцман.

Тој кажа дека конфронтацијата со Русија нема да прекине, дури и ако Кремљ го намали одмаздувањето со пропорционално протерување. Прашањата кои го делат Западот и Русија не се однесуваат само труењето на Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија.

„Очигледно, успешен резултат ќе има ако Русија се оттргне од својата малигна активност и стане одговорен партнер“. Тој како пример ја наведе Сирија, со оглед на фактот дека Русија во Советот за безбедност на ОН гласала пет пати „против истрагата за злоупотребите на хемиското оружје од страна на сириската влада“.

Ханцман повтори дека би било мошне неодговорно да не се продолжи со ангажманот со Русија по прашањата како стратешката стабилност и контролата на оружје, мирот и стабилноста на Блискиот Исток и Сирија, но сепак истакна дека не е реално да се очекува брзо наоѓање на решение. „Фокусот треба да се стави на заедничките интереси, да се најдеме на средина и да се вклучиме во дијалог“, подвлече Џон Ханцман, амбасадорот на САД во Русија, во ексклузивното интервју за Гласот на Америка.

Автор: Џејми Детмер

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG