Линкови за пристапност

Руски оперативци имале компромитирачки материјал за Трамп


Адвокатот на новоизбраниот претседател вели дека наводите во документот се лажни

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп гневно ги отфрли извештаите дека Русија собирала информации во обид да го компромитира.

Откако во претходните неколку денови тој ја искажа својата реакција преку Твитер во врска со непотврдените извештаи, тој ги повтори истите ставови на неговата прва прес конференција како новоизбран претседател:

„Мислам дека е понижување што информациите беа објавени. Ги видов информациите. Читав за информациите надвор од тој состанок. Тоа се лажни вести. Тоа е фалсификат. Тоа се нема случено,“ кажа тој.

Новинските извештаи упатуваат дека во документот подготвен од претставниците на американското разузнавање, лица од кампањата на Трамп соработувале со руското разузнавање. Понатаму се наведува дека биле дискутирани и наводни сексуални активности од страна на Трамп.

Адвокатот на новоизбраниот претседател, Мајкл Коен на новинарите им кажал дека наводите во документот се невистинити, и биле смислени за да му наштетат на Трамп.

Портпаролот на рускиот претседател, Димитри Песков кажа дека информациите имаат за цел да им наштетат на американско - руските односи.

„Кремљ нема никакви компромитирачки информации за Трамп. Овие информации не одговараат на реалноста и ова не е` ништо друго, освен апсолутна фабрикација.“ додаде тој.

На новоизбраниот претседател Трамп, минатата недела му било кажано од страна на домашните разузнавачки агенции дека руските оперативци тврделе дека имаат компромитирачки лични и финансиски информации за него, потврдија владини извори, потенцирајќи дека информациите во документите се` уште се непотврдени и потекнуваат од приватна компанија.

Трамп го добил прегледот минатиот петок, составен од две страници, заедно со класифициран брифинг за наводното руско мешање во американските избори.

На претседателот Барак Обама во четвртокот му била дадена истата информација.

XS
SM
MD
LG