Рускиот претседател Владимир Путин, по повод денешната средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, во телевизиско интервју, изјави дека врската на Москва со САД се влошила откако Доналд Трамп станал претседател.
„Може да се каже дека нивото на доверба, особено на воен план, не е подобрено, туку најверојатно е влошено“, изјави Путин за телевизискиот канал „Мир“.
Лавров, исто така кажа дека неговата влада има многу прашања за нејасните и контрадикторни идеи, кои доаѓаат од новата администрација на претседателот Доналд Трамп.
На почетокот на денешната средба со државнот секретар Рекс Тилерсон во Москва, тој додаде дека е важно за Русија да ги разбере намерите на САД, воедно укажувајќи и на минатонеделниот напад на сириската воздушна база, како одговор на нападот со хемиско оружје. Американскиот одговор Лавров го нарече „загрижувачки“.
Тилерсон даде покуса изјава, но, како и Лавров, тој истакна дека разговорите се случуваат во важно време, и оти ќе вклучат искрена дискусија за нивните разлики и заеднички интереси.
Тилерсон потенцираше дека комуникацијата меѓу двете држави „секогаш ќе остане отворена“.
Шефот на американската дипломатија додаде дека сака да разбере зошто постојат јасни разлики во одредени области, како и за можностите за доближување на тие поделби.
Тилерсон во Русија пристигна „наоружан“ со помалку аргументи, отколку што се надеваа Вашингтон и Лондон, потребни за да ја убеди Русија да се откаже од поддршка кон сирискиот претседател Башар ал Асад.
Но, тој имаше тежок ултиматум в рака, што уследи по извештаите кои цитираа неименувани американски официјални лица, како наводно велат дека Русија имала претходни сознанија за нападот во кој загинаа многу луѓе, меѓу кои жени и деца.
Министрите за надворешни работи од Групата 7 развиени земји, на вчерашниот состанок во италијанскиот град Лука, не успеаја да се договорат за санкциите кон Русија и сириската војска, расправајќи дека истрагата прво треба да потврди кој користел хемиско оружје против цивили во Сирија, минатата недела.
„Не смееме да дозволиме ова да се случи повторно“, изјави Тилерсон во Москва, додавајќи дека САД сакаат да го олеснат страдањето на сирискиот народ.
„Русија може да игра голема улога во тоа во иднина, или може да остане сојузник со таа група, што веруваме нема да им служи на руските интереси на долг рок“, рече Тилерсон.
Facebook Forum