Русија ги отфрла американските обвинувањата дека прекршила какви било обврски кои произлегуваат од нуклеарниот договор, тврдејќи дека сака да го задржи глобалниот мир и стабилност.
„Ова апсолутно не треба да се смета за почеток на трка за вооружување“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитри Песков, додавајќи дека „Овие оружја не претставуваат никаква закана за оние кои не планираат да ја нападнат нашата држава“.
Коментарите на Песков доаѓаат на еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин за време на годишното обраќање, се пофали со модерниот арсенал нуклеарно оружје.
Путин рече дека арсеналот вклучува нуклеарни проектили кои имаат неограничен опсег и кои се способни да ги избегнат американските противракетни одбранбени системи.
Како одговор на ова, портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс ја обвини Русија дека „преку една деценија развива вооружени системи за дестабилизација, директно прекршувајќи ги обврските од договорот за нуклеарно оружје“.
НАТО, исто така ја критикуваше Русија, нарекувајќи ги изјавите на Путин како „неприфатливи и контрапродуктивни“.
„Ние не сакаме нова Студена војна или нова трка за вооружување“, рече портпаролката на Алијансата, Оана Лунгеску.
Руската новинска агенција РИА објави дека Москва ги одлага планираните разговори со САД на кои требаше да се разговара за стратешката стабилност. Новинската агенција цитираше официјален претставник на руското Министерство за надворешни работи, кој рекол дека одлагањето е одговор на претходната одлука на Вашингтон за откажување на консултациите за кибернетската безбедност.
Тензиите меѓу Русија и Западот се зголемија по инвазијата на Русија врз украинскиот полуостров Крим во 2014-та година.
Оттогаш, членките на НАТО ветија дека ќе ги зголемат трошоците за одбраната и ќе ја зајакнат одбраната на источното крило на Алијансата. Но, Москва ги обвини САД и НАТО дека за цел имаат некои од одбранбените системи, вклучувајќи и противракетни системи кои се поставени во Русија.
НАТО и САД го отфрлаат обвинението.
Facebook Forum