Линкови за пристапност

Интегрираноста на Балканот - бариера за руското влијание


Интегрираноста на Балканот-бариера за руското влијание
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

Експерти во Охрид разговараа за начините за запирање на засилените напори на Москва да влијае во регионот

Интегрирањето на државите од Западниот Балкан во НАТО и во ЕУ, ќе помогне во креирање поголема отпорност на регионот спрема засилените напори на Русија да пенетрира во овие општества. Ова беше констатација на повеќето експерти кои деновиве се собраа во Охрид, на разговори за соработката на НАТО и ЕУ за руското влијание во регионот.

Учесниците на меѓународниот собир, познавачи на ситуацијата на Балканот, се согласни дека сега е вистинскиот момент Македонија да се приклучи на клубот на НАТО-членки. Аријан Старова од Атлантскиот совет на Албанија објаснува:

„Постојат индикатори за одредени влијанија на Русија на Балканот. Ако влијанието на Русија во Македонија до пред некој месец беше многу поголемо, сега е значително помало. Тоа не значи дека напорите и влијанието на Русија не се тука. Тие се тука. Се надевам дека НАТО ќе направи некои чекори во правец на Македонија на следниот самит“.

Стојан Славевски од Маршал-центарот - Македонија, е убеден дека ако регионот не е интегриран, ќе биде добра почва за ширење на руското влијание:

„Поради неинтегрираноста, поради одредени економски проблеми и поради одредени интереси кои ги има Русија во делот на енергетиката, таа може да има влијанија врз регионалните влади и затоа верувам дека меѓународните фактори, посебно ЕУ и САД, ја увидоа таа состојба и сакаат да преземат чекори за конечна стабилизација и интеграција на регионот“.

Славевски смета дека сегашната состојба е поволна за Русија да влијае на евро-антлантски интеграции со забавување на процесот.

Марк Лејти, виш претставник на НАТО кој во 2001-та беше специјален претставник на Џорџ Робертсон, е загрижен за присуството „на одредени надворешни влијанија“ и дека перспективата за приклучување во НАТО е охрабрувачки фактор за стабилноста на регионот:

„Мислам дека прашањето за Западен Балкан е тоа што има застапеност на хипер конфликти, со обиди за влијанија од страна на надворешни сили. Најдобриот начин да се победат тие елементи, е општествата да станат силни и добро организирани. Видовме што и` направија Русите на Црна Гора. Факт е дека тоа беше обид за деминирање на демократската одлука за демократија“.

Себастијан Вон Маншоу, професор по безбедносни студии од Гармиш Партенкирхен, Германија, смета дека зајакнувањето на демократските структури во државите може многу да помогне и во контекст на одбрана од надворешни влијанија:

„Повеќе ме загрижува бавноста на внатрешните процеси на реформирање во државите, односно како функционира правосудниот систем, државните органи и локалните власти. Ако тие се ефикасни може да се избегне влијание од надвор“.

Конференцијата во Охрид беше во организација на Одделението за јавна дипломатија на НАТО во соработка со регионални организации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG