Линкови за пристапност

МНР: Иднината ќе ја потврди исправноста на договорот меѓу Македонија и Грција


Министерството за надворешни работи на Република Македонија реагира на коментарите на официјална Москва каде во негативен контекст се оценува усвојувањето на амандманите за уставните измени

По повод Коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација од 14 јануари 2019 година, во врска со усвојувањето на измените на Уставот на Република Македонија, Министерството за надворешни работи на Република Македонија со жалење констатира дека и покрај толку горливи проблеми во денешниот свет, Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Имено, во соопштението на руското Министерство за надворешни работи стои меѓу другото: „Очигледно е дека наметнатиот од надвор процес на вештачко редефенирање на државното име со цел да се забрза приклучувањето на Скопје кон НАТО, продолжува. Ова се случува спротивно на македонското законодавство. Ставот на претседателот на Република Македонија и мислењето на мнозинството на населението, кои го отфрлаат Преспанскиот договор, се игнорираат.“

Руската Федерација сугерира прашањето да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН.

Министерството за надворешни работи на Македонија посочува дека измените на Уставот согласно Преспанскиот договор добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница и се оценети како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.

„Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите“, додава Министерството за надворешни работи на Република Македонија, истакнувајќи дека „иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG