Линкови за пристапност

Русија размислува за повторно отворање бази во Куба и Виетнам


Напоредно со заладувањето на односите меѓу Вашингтон и Москва, Русија ја најавува можноста без давање детали

Запрашан пред законодавците во државната Дума, долниот дом на рускиот парламент, за можното враќање на руската војска во земји како Куба и Виетнам, заменик министерот за одбрана, Николај Панков, одговори: работиме на тоа. Тој не даде детали.

Советскиот сојуз имаше разузнавачка база во Лордес, Куба, во раните 1960-ти години и поморска база во Заливот Кам Ран во Виетнам, во раните 1970-ти. Русија продолжи со присуството во овие бази и по распадот на советскиот Сојуз во 1991-ва година, но тие беа затворени во 2001-ва и 2002-ра.

Во моментов Русија има воздушна и поморска база во Сирија.

Според руските новински агенции, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков исто така бил запрашан за можноста за обновување на базите на Куба и Виетнам. Тој одбил да коментира, велејќи дека прашањето треба да биде упатено кон Министерството за одбрана.

Сепак, Песков беше цитиран како рекол дека „меѓународната ситуација не е статична, туку напротив флуидна. Можевте да се уверите дека во последниве две години настанаа големи промени во меѓународните односи и меѓународниот безбедносен систем. Со тоа природно е сите земји, во согласност со нивниот национален интерес да направат проценка на овие промени и да преземат мерки во насока што ним им одговара.“

Во јули, 2014-та претседателот Владимир Путин ги отфрли медиумските наводи дека Русија планира повторно да ја отвори базата Лордес во Куба.

Коментарите за повторно отворање на воените бази доаѓа во време кога тензиите помеѓу Русија и САД растат.

Во понеделникот, Вашингтон ги суспендираше разговорите со Москва за примирјето во Сирија, наведувајќи ги како причина продолжителните воени напади против цивилни цели во земјата. Истиот ден, Путин го укина договорот со САД за ослободување од плутониумот погоден за воена употреба, како резултат на „непријателските акции“ од страна на Вашингтон, при што се мисли на санкциите спрема Москва заради руските активности во Украина.

Во средата, Русија го суспендираше договорот со САД за соработка во нуклеарно и енергетско истражување.

XS
SM
MD
LG