Линкови за пристапност

Русија и Кина повикаа на смирување на тензиите на Корејскиот Полуостров


Русија и Кина поединечно сигнализираа волја за мирно разрешување на тензиите околу нуклеарните и ракетните активности на Северна Кореја.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за државните медиуми изјави дека никој не посакува војна на Корејскиот Полуостров и дека тој се надева оти САД не планираат воен пристап за разрешување на ситуацијата.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг, за време на брифинг за новинарите, рече дека сите држави треба „да се воздржат и да направат проактивни и конструктивни напори за олеснување на тензиите на полуостровот“.

Кина, исто така кажа дека новите санкции на ОН не треба да имаат негативно хуманитарно влијание врз Северна Кореја или да влијаат врз „нормалната економска размена и соработка“.

Советот за безбедност на ОН едногласно одобри резолуција, со која се ограничува увозот на бензин и дизел гориво, а се заоструваат и инспекциите на бродови за кои постои сомневање дека пренесуваат незаконски товар во или од Северна Кореја.

Со мерката од членките на ОН воедно се бара, во рок од две години да ги вратат назад сите севернокорејски граѓани кои работат во странство, со цел да се прекине изворот на приходи за владата на Ким Јонг Ун, што рутински конфискува голем дел од нивната заработувачка.

САД проценуваат дека околу 80.000 граѓани на Северна Кореја работат во Кина и најмалку 30.000 во Русија.

Пјонгјанг ги отфрли новите санкции, нарекувајќи ги „акт на војна“ и „дека се еднакви на целосна економска блокада“.

„Ако САД сакаат да живеат безбедно, мора да ја напуштат непријателската политика...и да научат да коегзистираат со држава којашто поседува нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на официјалната новинска агенција на Северна Кореја. Пјонгјанг исто така се закани дека сите нации кои ја поддржуваат резолуцијата ќе „платат висока цена“.

Претходните санкции наметнати против Северна Кореја, не го одвратија режимот од тестирање на балистички ракети и нуклеарно оружје.

САД ја отфрлија понудата на Северна Кореја да ги замрзне нуклеарните активности, доколку САД ги прекинат воените вежби на и во близина на Корејскиот Полуостров.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG