Линкови за пристапност

Руските сили ги нападнаа Киев и Одеса со беспилотни летала


Украинските власти во вторникот соопштија дека руските сили го нападнале Киев и јужното пристаниште Одеса со беспилотни летала Шахед од иранско производство.

Украинската војска соопшти дека соборила вкупно 26 дронови лансирани од Русија.

Официјални лица во регионот на Киев изјавија дека остатоците што паднале од пресретнати дронови оштетиле повеќе станбени згради.

Во Одеса, регионалниот гувернер Олег Кипер рече дека две беспилотни летала погодиле административна зграда на пристаништето, додека остатоците од соборените беспилотни летала предизвикале пожар во близина на терминал за жито и друг терминал.

Одеса е клучно пристаниште вклучено во Црноморската иницијатива за жито, договор постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција кој овозможи продолжување на критичниот извоз на жито од украинските пристаништа кои беа блокирани со руската инвазија на Украина.

Аранжманот вклучува и извоз на руска храна и вештачко ѓубриво. Русија се пожали дека нејзиниот дел од договорот не се исполнува и рече дека нема основа за продолжување на договорот по истекот на 17 јули.

Обединетите нации во понеделникот соопштија дека повеќе од 32 милиони метрички тони прехранбени производи се извезени преку три украински пристаништа од почетокот на иницијативата во август 2022 година.

ОН соопштија дека тој извоз отишол во 45 земји, вклучително и пченица транспортирана од Светската програма за храна за луѓето на кои им е потребна во Авганистан, Етиопија, Кенија, Сомалија, Судан и Јемен.

Касетна муниција

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот рече дека сојузниците треба да направат се што можат за да ги снабдат украинските сили со муниција во услови на недостиг, и дека зависи од поединечните земји да одлучат каква муниција да обезбедат.

Неговите коментари дојдоа како одговор на прашањето за плановите на САД да обезбедат касетна муниција, која е забранета од повеќе од 100 земји поради опасноста што ја претставуваат за цивилите и за време и по конфликтите.

Столтенберг зборуваше додека лидерите се собраа на дводневниот самит на НАТО во Вилнус, Литванија, и рече дека конфликтот во Украина стана „војна на трошење“ каде што потребите за муниција, гориво и делови за одржување се „огромни“.

Тој рече дека касетната муниција се користи откако Русија изврши инвазија во февруари минатата година, но дека постои разлика помеѓу руските сили кои ги користат за да нападнат суверена земја и Украина ги користи за да се брани.

Столтенберг рече дека на почетокот на инвазијата, сојузниците на НАТО немале доволно резерви на муниција и дека капацитетот за производство на повеќе не бил доволен. Тој ги наведе напорите за зајакнување на производството, кои почнаа да даваат резултати, но предупреди дека за зголемување на тој капацитет е потребно време.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG