Русија во понеделникот наутро лансираше 18 проектили врз главниот град на Украина. Украина соопшти дека пресретнала 15 од нив. Прелиминарните извештаи од Киев покажуваат дека нема жртви, наведува Асошиетед прес.
Исто така, во текот на ноќта, Русија со ракетен напад го нападна источниот украински град Павлорад. Асошиетед прес известува дека седум проектили биле насочени кон градот, но некои биле пресретнати. Ројтерс објави дека 34 лица, меѓу кои пет деца, биле повредени во нападот.
„Русија конструираше некои од најобемните системи на воени одбранбени работи видени насекаде во светот со децении“, соопшти британското Министерство за одбрана.
Во извештајот објавен на Твитер, се вели дека има слики што покажуваат дека Русија „направила посебен напор“ да ја зајакне северната граница на окупираниот Крим, „вклучително и со повеќеслојна одбранбена зона во близина на селото Медведевка“.
Покрај тоа, според британското Министерството за одбрана, Русија ископала ровови во меѓународно признатата руска територија, вклучително и во регионите Белгород и Курск.
Во извештајот се вели дека рововите покажуваат дека Русија е загрижена дека Украина би можела да постигне „голем пробив“. Сепак, дел од работата, рече британското Министерството, „најверојатно е нарачана од локални команданти и цивилни водачи во обид да се промовира официјалниот наратив дека Русија е „загрозена“ од Украина и НАТО“.
Во руските напади низ Украина загинаа најмалку 477 деца, ранети речиси 1.000 од руската инвазија пред повеќе од една година, соопшти во неделата Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина во извештај објавен на апликацијата Телеграм.
Повеќето жртви се документирани во областите Доњецк и Харков, каде 452 и 275 деца биле убиени или ранети. Стапката на жртви меѓу децата се очекува да биде поголема, се вели во извештајот, бидејќи сегашното броење не вклучува податоци од териториите окупирани од Русија или каде се водат битки.
Во неделата во Уман беа погребани две деца кои загинаа во напад во петокот. Вкупно 23 лица, меѓу кои шест деца, загинаа во рускиот напад на станбена зграда во Уман.
Националната полиција на Украина неодамна соопшти дека речиси 400 деца се исчезнати.
Повеќе од 19.000 деца од териториите окупирани од Русија биле подложени на принудна депортација во Русија. Досега Украина има добиено само 364 од нив, според украинска национална база на податоци „Деца на војната“.
На 17 март, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, руска функционерка која ги надгледуваше присилните депортации на украинските деца во Русија.
На неодамнешната прес-конференција во Москва, Лвова-Белова ги отфрли обвиненијата на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства како лажни, велејќи дека нејзината комисија дејствувала на хуманитарна основа за да ги заштити интересите на децата во област каде што се одвиваат воени дејствија, според новинската агенција Ројтерс.
Кремљ претходно ги нарече дејствата на Меѓународниот кривичен суд „безобразни и неприфатливи“.
Но, многу украински деца кои беа вратени во семејства и старатели раскажуваат поинаква приказна.
Во април, Виталиј, дете од регионот Керсон, во изјава за Ројтерс рече: „Бевме третирани како животни. Бевме затворени во посебна зграда“.
Тој рече дека нему и на другите деца им било кажано дека нивните родители повеќе не ги сакаат.
Неделата беше професионален ден на граничарите во Украина, рече претседателот Володимир Зеленски во своето секојдневно обраќање.
„Тие беа првите кои се соочија со окупаторот на исток“, рече тој.
„Тие цврсто ја штитат границата“, додаде Зеленски.
Некои материјали во овој извештај се користени од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.