Линкови за пристапност

Русија користи беспилотни летала во воздушни напади


Украинската војска соопшти дека соборила 32 беспилотни летала од Иран
Украинската војска соопшти дека соборила 32 беспилотни летала од Иран

Украинското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека нивните сили собориле 32 од 35-те ирански беспилотни летала „Шахед“ кои Русија ги користела во воздушниот напад чија цел беше Киев и други украински градови.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека најголем фокус бил регионот на Киев.

Серхи Попко, шеф на воената администрација во Киев, на Телеграм рече дека беспилотните летала дошле во неколку бранови и дека воздушните тревоги во Киев траеле три часа.

Засега нема информации за жртви.

Во областа Лавов во западна Украина, регионалниот гувернер Максим Козитскиј рече дека Русија користела дронови за да нападне критична инфраструктурна постројка

Официјални лица во Запорожје, исто така, објавија руски ракетни напади врз телекомуникациската инфраструктура и земјоделските области.

Обнова на Украина

Украина бара финансирање од 40 милијарди долари за првата фаза од „Зелениот Маршалов план“ за да ја поправи својата економија. За време на дводневната средба во Лондон, почнувајќи од среда, политичарите и инвеститорите ќе разговараат за краткорочната и долгорочната економска реконструкција на Украина, која вклучува развој на индустрија за железо и челик без јаглен.

Според Светската банка, реконструкцијата на Украина ќе чини над 400 милијарди долари, три пати повеќе од бруто домашниот производ на земјата. Од инвазијата на Русија во февруари 2022 година, надворешните поддржувачи вложија 59 милијарди долари во Украина за да ја поддржат за време на војната.

Едно од прашањата што се очекува да се дискутира за време на дводневната Конференција за закрепнување на Украина е дали околу 300 милијарди долари од замрзнатите резерви на руската централна банка ќе одат во Украина.

Велика Британија во понеделникот воведе закон што ќе и овозможи да ги задржи санкциите против Русија додека Москва не плати компензација за трошоците за нејзината инвазија врз Украина.

„Потребите за реконструкција на Украина се, и ќе бидат огромни“, рече британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

„Преку нашите нови мерки денес, го зајакнуваме пристапот на санкциите на Обединетото Кралство, потврдувајќи дека Велика Британија е подготвена да користи санкции за да обезбеди Русија плаќа за да ја поправи земјата што толку непромислено ја нападна“, додаде Клеверли.

Американските пратеници и од Републиканската и од Демократската партија во четвртокот воведоа предлог-закон со кој ќе и се олесни на Украина да ја финансира својата борба против Русија со користење на запленети и замрзнати руски средства.

Браната Каховка

Кремљ во понеделникот соопшти дека одлуката на Русија да ја одбие помошта на ОН во областите на Украина под контрола на Русија, поплавени од пробивањето на браната Каховка е поради безбедносни грижи.

„Таму има постојано гранатирање, постојани провокации, се гранатираат цивилни објекти и луѓе, луѓе умираат“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Обединетите нации во неделата потврдија дека Москва ги одбила нејзините барања да им помогне на жителите на областите во јужна Украина под контрола на Русија, погодени од уривањето на браната Каховка и ветија дека ќе продолжи да бара пристап.

„Ги повикуваме руските власти да дејствуваат во согласност со нивните обврски според меѓународното хуманитарно право“, изјави во неделата во соопштение координаторката на ОН за хуманитарна помош за Украина, Дениз Браун.

Повеќе од десет лица загинаа, додека 31 се водат како исчезнати по поплавите предизвикани од уништувањето на браната, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи. Речиси 900 домови остануваат под вода, а повеќе од 3.600 луѓе се евакуирани.

Некои информации за оваа содржина дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франција-Прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG