Линкови за пристапност

Русија, Турција и Иран го осудија нападот врз јеменските Хути


Одмаздничките напади на американските и британските сили врз Хутите поддржани од Иран во Јемен, предизвикаа поддршка и осуда од меѓународната заедница. Одмаздата следи по неколкунеделните напади на Хутите врз бродови во Црвеното Море.

Американските одбранбени претставници, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека американските и британските напади биле лансирани од борбени авиони, површински бродови и подморници. Нападите беа извршени со помош на Австралија, Канада, Холандија и Бахреин.

Во соопштението, портпаролот на НАТО рече дека „нападите биле одбранбени и дизајнирани да ја зачуваат слободата на навигација во еден од највиталните водни патишта во светот“.

Исто така, француското Министерство за надворешни работи објави соопштение, истакнувајќи ја резолуцијата на ОН од 10 јануари во која се вели дека навигациските права и слободи мора да се почитуваат и дека „државите имаат право да одговорат на овие напади, во согласност со меѓународното право“.

Во соопштението се додава: „Франција ќе продолжи да ги презема своите одговорности и да придонесува за поморската безбедност во областа заедно со своите партнери“.

Бунтовниците Хути издадоа видео изјава, во која се појавува воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, кој ги нарече нападите „брутална агресија“ извршена како дел од поддршката на САД и Велика Британија за „продолжување на израелските злосторства во Газа“. Тој рече дека во нападите загинале пет лица, а уште шест се ранети.

„Американскиот и британскиот непријател сноси целосна одговорност за својата криминална агресија врз нашиот јеменски народ и таа нема да остане без одговор и неказнето“, рече тој.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, „жестоко ги критикуваше воените напади на САД и Велика Британија“, во изјава, нарекувајќи го „произволен потег“, кој „јасно го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и е против меѓународните закони и прописи“.

Претседателот на Турција, сојузникот на НАТО, Тајип Ердоган ги нарекува нападите „несразмерна употреба на сила“, исто како што тоа го прави Израел во Газа, и ги обвини САД и Велика Британија дека се обидуваат „Црвеното Море да го претворат во море од крв“. Тој ги обвини двете земји за ескалација на тензиите во регионот.

Русија, исто така, ги осуди нападите, при што портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, ги нарече нападите „нелегитимни“ и ги обвини Соединетите Држави и Велика Британија дека „се обидуваат да го приспособат системот на меѓународно право на нивните акции“.

XS
SM
MD
LG