Официјални лица во западна Русија соопштија дека во напад со украински дрон загинале најмалку шест лица во понеделникот во регионот Белгород во близина на руско-украинската граница.
Вјачеслав Гладков, регионален гувернер во Белгород, на Телеграм рече дека дронот удрил во неколку возила и дека во нападот биле повредени повеќе од 30 луѓе.
Украинската војска во понеделникот соопшти дека воздушната одбрана на земјата соборила 12 од 13 дронови лансирани од руските сили во нападите во текот на ноќта.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека дроновите биле пресретнати над регионот Суми, лоциран во североисточна Украина долж границата со Русија.
Регионалната воена администрација на Суми на Телеграм објави за руски воздушен напад врз енергетски објект. Засега нема информации за евентуални штети или жртви, а агенцијата наведува дека резултатот од нападот се разјаснува.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во велигденската порака во неделата од Киев, ги повика Украинците да се обединат во молитва еден за друг и војниците на линијата на фронтот, велејќи дека Бог има „украинско знаме на неговото рамо“.
„Да се молиме еден за друг. Кога сите се зближивме еден до друг, веќе не бевме туѓи еден на друг“, вели тој во видеото објавено на Телеграм. Стоејќи пред 1.000-годишната катедрала Света Софија во Киев, Зеленски истакна дека Украина сега се бори 802 дена против Русија.
Во Москва, претседателот Владимир Путин присуствуваше на велигденска литургија што ја служеше поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, жесток поддржувач на рускиот водач и руската сварина Украина.
Источните православни христијани обично го слават Велигден подоцна од католичките и протестантските цркви, бидејќи користат различен календар и методологија за пресметување на годишнината од она што тие веруваат дека е Христовото воскресение.
Некои информации за овој извештај дадоа Ројтерс, Асошиетед прес и Франс прес.