Линкови за пристапност

Русија: Соборени две беспилотни летала насочени кон Москва


Руското Министерство за одбрана нападот го нарече „терористички“. Повредени и предизвикани штети нема, велат официјални претставници.
Руското Министерство за одбрана нападот го нарече „терористички“. Повредени и предизвикани штети нема, велат официјални претставници.

Руската воздушна одбрана денеска соборила два украински беспилотни летала насочени кон Москва, соопштија руските власти.

Градоначалникот на Москва, Серги Собјанин, рече дека едно од воздушните беспилотни летала е соборено во регионот Домодедово јужно од главниот град, каде што се наоѓа еден од најпрометните меѓународни аеродроми во Москва, додека другиот бил соборен во близина на автопатот Минск западно од градот.

Тој рече дека нема повредени или предизвикано штети по нападот, кој руското министерство за одбрана го опиша како обид за „терористички напад“.

Москва е цел на напади со украински беспилотни летала од мај, кога беше уништен дрон над Кремљ. Москва, исто така, го обвини Киев за напади со поморски беспилотни летала врз руски цивилни и воени цели во Црното Море.

Од украинска страна ваквите инциденти, во одредени случаи, ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат.

Денешните напади доаѓаат на само два дена откако најмалку девет лица беа убиени во два ракетни напади на Русија врз источниот украински град Покровск. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се ранети 82 лица, меѓу кои и две деца.

Покровск се наоѓа во регионот на Доњецк, каде, откако Русија започна својата инвазија врз Украина во февруари 2022 година, има најинтензивните борби. Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, вели дека двата проектила биле во разлика од околу 40 минути. Уништиле станбени згради, ресторани, продавници, административни згради и популарен хотел меѓу странските новинари, хуманитарните работници и војската.

Според шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, две лица се убиени во руски ракетни напади во селото Крухлијакивка во областа Купјанск

Германија нуди поголема воена поддршка за Полска

Германија се понуди да го продолжи распределувањето на своите системи за противракетна одбрана „Патриот“ во Полска, најверојатно до крајот на годината, велат од тамошното министерство за одбрана.

Берлин испрати три единици „Патриот“ во источна Полска во јануари годинава по смртоносна експлозија која погоди село во западниот сосед на Украина кон крајот на 2022 година.

Првично, распоредувањето на системите произведени во САД требаше да трае најмногу шест месеци. Но, германското министерство за одбрана соопшти дека и понудило на Полска да ги задржи системите „во текот на летото, најверојатно до крајот на годината“.

Сепак, од 2024 година, системите ќе бидат „важен придонес“ за силите за брз одговор на НАТО, велат од министерството, од каде додаваат дека нема да продолжи воената поддршка за Полска по 2023 година.

Полска, првично ја одби понудата на Германија за единиците „Патриот“, а наместо тоа го повика Берлин да испрати оружје во Украина. Германија, која важеше за главен придонесувач на оружје за Киев, подоцна во Украина испрати и системи „Патриот“.

Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс – прес.

XS
SM
MD
LG