Украинските власти во понеделникот известија за нови руски воздушни напади врз Киев по две ноќи интензивни воздушни напади врз главниот град.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на Телеграм изјави дека има експлозии во централниот дел на градот и им порача на луѓето да останат во засолништа.
Нападите во понеделникот следеа како што Кличко го нарече „уште една тешка ноќ за главниот град“.
Серхи Попко, шеф на градската воена управа, рече дека руските сили користеле комбинација од крстосувачки ракети и беспилотни летала Шахед во нападот во текот на ноќта, чија цел беше Киев по 15-ти пат во мај.
Постојаните воздушни напади дојдоа пред очекуваната украинска контраофанзива за која украинските лидери рекоа дека ќе се обиде да ја врати територијата што Русија ја зазеде откако започна целосна инвазија на Украина на почетокот на минатата година.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека вкупно, противвоздушната одбрана соборила 29 од 35 дронови и 37 од 40 проектили што Русија ги лансираше во текот на ноќта.
Властите во западна Украина соопштија дека руските напади погодиле воен објект во Хмелницки, исфрлајќи од употреба пет авиони.
„Руските беспилотни летала и ракетните напади врз мирните украински градови не можат да се гледаат како и обично, без разлика колку често се зголемуваат“, напиша министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.
„Сите тие се воени злосторства и мора да бидат запрени со понатамошно зајакнување на воздушната одбрана на Украина, вклучително и со Ф-16, и со поразување на руската агресија како таква“, дополни Кулеба.
Санкции за Иран
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата поднесе предлог-закон со кој се предлагаат 50 години дополнителни санкции против Иран.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, рече дека предлог-законот е одговор на, како што вели Киев, испораките на оружје на Техеран за Москва. Нацртот вклучува целосна забрана за трговија со Иран, за инвестиции и за пренос на технологии. Доколку нацрт-законот стане закон, Украина ќе го забрани иранскиот транзит низ украинската територија, како и користењето на нејзиниот воздушен простор и ќе ги замрзне иранските средства.
Киев и неговите сојузници велат дека Иран ја снабдува Русија со оружје, вклучително и стотици беспилотни летала, откако Москва ја нападна Украина минатата година. Техеран ги отфрла обвинувањата.
Првично, Иран негираше дека испорачувал беспилотни летала Шахед на Русија, но подоцна рече дека обезбедил мал број пред почетокот на конфликтот.
Некои информации за оваа содржина дојдоа од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.